Бруклин Бекам и Никола Пелц испратија силна порака среде семејната драма: „Правиме сè заедно“

Бруклин Бекам и Никола Пелц повторно го привлекоа вниманието на јавноста, овој пат со фотографија на која покажуваат колку се блиски, додека во исто време семејниот конфликт со Дејвид и Викторија Бекам продолжува да се продлабочува.

Никола Пелц на својата „Close Friends“ приказна на Инстаграм објави фотографија на која двајцата заедно вежбаат, одејќи на иста лента за трчање во теретана.

„Да, ние навистина правиме сè заедно“, напиша таа покрај фотографијата, додавајќи седум емотикони со срце.

Бруклин подоцна ја сподели истата фотографија и на својот официјален Инстаграм-профил.

Двојката, која стапи во брак во 2022 година, веќе подолго време е во нарушени односи со семејството Бекам. Бруклин е отуѓен од своите родители, Дејвид и Викторија Бекам, како и од браќата Ромео и Круз и сестрата Харпер.

Во јануари годинава, Бруклин јавно ги обвини своите родители дека се обиделе да му го уништат бракот со Никола Пелц.

„Не сакам да се помирам со моето семејство. Никој не ме контролира, за првпат во животот се залагам за себе“, изјави тогаш тој.

Тој додаде дека неговите родители со години ја контролирале приказната за семејството во медиумите преку, како што рече, „театрални објави на социјалните мрежи, семејни настани и неискрени односи“.

Бруклин исто така ги потврди претходните информации дека Викторија Бекам наводно го нарушила нивниот прв свадбен танц, што тој го опиша како „длабоко болно“ искуство за младенците.

Во август 2025 година, Бруклин и Никола повторно ги обновија своите брачни завети на приватна церемонија.

Во изминатиот период тие не присуствуваа на неколку важни семејни настани, меѓу кои церемонијата на која Дејвид Бекам доби ѕвезда на Холивудската патека на славните, неговото скромно одбележување на Денот на таткото во јуни, како и прославата на 15. роденден на Харпер Бекам.

Според Page Six, Харпер на 12 јуни се обидела да воспостави контакт со својот брат, појавувајќи се пред неговата куќа во Лос Анџелес. Но, Бруклин, кој во тој момент не бил во градот, тврдел дека целата посета била однапред организирана за медиумите.

„Фактот што фотографите биле таму кога писмото било доставено кажува сè – тоа беше режирано за камерите“, изјавил претставник на Бруклин и Никола.

И покрај семејната криза, Дејвид и Викторија Бекам не престанаа јавно да го споменуваат својот син. За Денот на таткото тие објавија фотографии и му оддадоа почит на Бруклин на социјалните мрежи, што, според британските медиуми, дополнително го налутило.

„Тој ги замолил да го остават на мир, но тие продолжуваат да објавуваат фотографии со него. Би сакал едноставно да престанат и да го остават на мир“, изјавил извор за британскиот весник The Sun.

Додека конфликтот со семејството Бекам продолжува да биде една од најследените теми во светските таблоиди, Бруклин и Никола со своите објави на социјалните мрежи јасно покажуваат дека остануваат целосно посветени еден на друг.

Scroll to Top