Кармен Електра се наврати на годините кога „Спасувачка служба“ беше глобален телевизиски феномен и откри под кои услови би се вратила во препознатливиот црвен костим што ја одбележа серијата.
54-годишната актерка во интервју за „Fox News Digital“ зборуваше за славата на серијата во 90-тите години и нагласи дека токму актерската екипа, во која беа и Памела Андерсон и Јасмин Блит, го направила проектот посебен.

Иако „Спасувачка служба“ често беше критикувана поради провокативниот изглед на актерите, Електра вели дека серијата имала специфичен тон и претставувала своевидна фантазија за тогашната публика.

Таа истакна дека можеби тоа било едно од првите телевизиски остварувања во кое можело да се види толку разголен изглед, но посочи дека актерите навистина играле спасувачи на плажа, па затоа и носеле таква облека.

„Можеби тоа беше првпат на телевизија да може да се види толку кожа, затоа што навистина глумевме спасувачи, нели? Значи, можевме да бидеме во тие оскудни комбинации“, изјави Електра, додавајќи: „И тоа не беше порно“.
Според неа, серијата не била само визуелен феномен, туку гледачите можеле и да научат нешто корисно.
Електра потсети дека за време на снимањето ја совладала техниката за кардиопулмонална реанимација, позната како CPR.

„Би можела да спасам некого и сега ако треба“, се пошегува актерката.
Би се вратила во новата верзија
Кармен Електра не ја исклучува можноста повторно да се појави во нова верзија на „Спасувачка служба“.
Дополнителна причина за тоа е фактот што нејзиниот поранешен партнер од серијата, Дејвид Чокачи, веќе потпишал договор за враќање.
Неговиот лик Коди Медисон во новата верзија е сопственик на бар и ментор на помладите спасувачи.
Електра вели дека би ѝ било забавно да се појави барем во една епизода.
„Мислам дека би било навистина кул само да се појавам во епизода, да го изненадам и да го поздравам. Можеби повторно ќе се вљубат, кој знае?“, изјави таа.
Кармен Електра го толкуваше ликот Лани Мекензи во „Спасувачка служба“ во периодот од 1997 до 1998 година.
По серијата, таа изгради разновидна кариера во поп-културата, со улоги во филмови како „Scary Movie“, водителски ангажмани на MTV и работа како модел.
И денес, повеќе од две децении подоцна, „Спасувачка служба“ останува еден од најпрепознатливите телевизиски проекти од 90-тите, а Електра признава дека идејата повторно да се врати во тој свет и понатаму ѝ е интересна.






