Кели Озборн јавно го нападна својот поранешен вереник Сид Вилсон, само неколку дена откако долгогодишниот диџеј доби отказ од легендарниот метал бенд Slipknot по речиси три децении членство.
Ќерката на Ози Озборн преку серија објави на Инстаграм испрати остри пораки, обвинувајќи го Вилсон дека не презема одговорност за своите постапки.
„Разбуди се и преземи одговорност. Повеќе нема да го трпам ова. Завршив. Сакам да бидам среќна и да го воспитувам мојот прекрасен син. Остави ме на мир. Дозволи ми да заздравам. Повеќе не можам да те заштитувам од самиот себе“, напиша Кели.

Во друга објава таа побара да ѝ бидат вратени кучињата и личните работи, а јавно побара и финансиска поддршка за нивниот тригодишен син Сидни.
„Кога веќе сме кај тоа, може ли да си ги добијам назад кучињата и сите мои работи? И можеби конечно да почнеш да плаќаш алиментација?“, порача Озборн.
Таа објави и неколку мистериозни пораки кои многумина ги протолкуваа како директна критика кон Вилсон.
„Чудно е како најгласната одбрана на виновните ретко е доказ за невиност. Тоа е само одвлекување на вниманието. Кога ќе им падне маската, наместо да се соочат со себе, ја фрлаат вината врз другите“, напиша таа.
Во продолжение додаде дека секогаш презема одговорност за своите постапки и алудираше дека кармата на крајот ги стигнува сите.
Покрај критиките, Кели сподели и инспиративни пораки посветени на мајчинството и заштитата на децата.
„Моја работа е да ги заштитам моите деца, а не нечии чувства, очекувања или осуди. Нивната благосостојба и емоционална сигурност секогаш ќе бидат мој приоритет“, стоеше во една од објавите.
Нејзините реакции следуваа непосредно по информациите дека Сид Вилсон бил отпуштен од Slipknot по 28 години. Според американските медиуми, музичарот бил известен за одлуката минатиот петок, а извори блиски до бендот тврдат дека членовите повеќе не можеле да го толерираат неговото однесување кон колегите.
По објавувањето на веста, гитаристот на Slipknot, Џим Рут, индиректно ги повика фановите да не веруваат во сè што читаат.
„Не верувајте во сè што ќе прочитате. Размислете, земете здив и почекајте да излезат повеќе информации“, порача тој на Инстаграм.
Сид Вилсон, кој му се приклучи на Slipknot во 1999 година како еден од оригиналните девет членови, сè уште јавно не ја коментирал својата разделба со бендот.
Кели Озборн и Сид Вилсон ја започнаа врската во 2022 година, а истата година во ноември го добија синот Сидни. Во јули 2025 година, Вилсон ја побара за сопруга зад сцената на последниот концерт на Блек Сабат, организиран во чест на Ози Озборн.
Сепак, нивната свршувачка заврши во март годинава, со што ставија крај на четиригодишната љубовна врска.






