Легенди на музиката влегуваат во „Рокенрол куќата на славните“ – голема чест за Фил Колинс, Лутер Вандрос, „Оејзис“ и Шаде

Неколку од најголемите имиња на светската музичка сцена ќе бидат примени во „Рокенрол куќата на славните“ за 2026 година, откако беше објавена официјалната листа на нови членови. Меѓу нив се Фил Колинс, покојниот Лутер Вандрос, британскиот бенд „Оејзис“ и соул-џез дивата Шаде, заедно со уште неколку влијателни музички имиња.

Покрај нив, дел од новата генерација примени уметници се и „Ајрон мејден“, Били Ајдол, Квин Латифа, како и легендарните постпанк состави „Џој дивижн“ и „Њу ордер“, додека своето место го обезбедија и рап-пионерите „Ву-Танг клан“. Листата беше објавена во САД, за време на емитување на „Американски идол“, а изборот го направија повеќе од 1.200 музичари, индустриски професионалци и музички историчари.

За да биде некој уметник номиниран, мора да има издадено свој прв комерцијален запис најмалку 25 години претходно, што ја прави оваа селекција уште порелевантна за влијанието врз музичката историја. Посебно внимание привлекува името на Лутер Вандрос, кој зад себе има повеќе од 25 милиони продадени албуми и безвременски хитови како „Here and Now“ и „Any Love“. Тој почина во 2005 година, но неговото влијание и понатаму се чувствува, па дури и инспирира современи артисти.

Фил Колинс, кој веќе е дел од „Куќата на славните“ како член на „Џенесис“, сега добива признание и за својата соло кариера, обележана со хитови како „In the Air Tonight“ и „One More Night“, како и со осум „Греми“ награди.
„Ајрон мејден“, кои веќе двапати беа номинирани, конечно го добиваат заслуженото признание за нивниот придонес во развојот на британскиот хеви-метал, со култни албуми како „The Number of the Beast“.

Шаде, која беше номинирана и во 2024 година, останува симбол на софистициран звук и елеганција, со хитови како „Smooth Operator“ и „The Sweetest Taboo“, додека „Ву-Танг клан“ се препознаени како револуционери во хип-хоп културата, особено со нивниот деби-албум од 1993 година.

Оваа година „Куќата на славните“ го слави и манчестерскиот звук, со вклучување на „Џој дивижн“ и „Њу ордер“, како и повторно обединетите „Оејзис“, кои оставија силен печат врз британската поп-рок сцена. Меѓу номинираните кои оваа година нема да бидат примени се Мараја Кери, Лорин Хил, „Ин-екс-ес“, Мелиса Етериџ, Џеф Бакли, Пинк, „Њу Едишн“ и Шакира.

Свеченоста на воведувањето во „Рокенрол куќата на славните“ ќе се одржи на 14 ноември во театарот „Пикок“ во Лос Анџелес, каде ќе им биде оддадена почит на овие музички легенди за нивниот огромен придонес во индустријата.

Scroll to Top