Откажани концерти на Канје Вест низ Европа: Контроверзиите ја рушат турнејата

Американскиот рапер Kanye West се соочува со сериозни проблеми во Европа, откако неколку негови концерти беа откажани во Велика Британија и Полска поради низа контроверзии поврзани со неговите изјави и однесување.
Најновиот случај доаѓа од Полска, каде концертот закажан за 19 јуни 2026 година на стадионот во Хожув е официјално откажан. Одлуката, според надлежните, е донесена поради „правни и формални причини“, но во позадина стои силен јавен притисок и реакции поради неговите претходни изјави.

Полските власти отворено посочија дека настапот на Вест е неприфатлив, особено имајќи ја предвид историската чувствителност на земјата кон теми поврзани со Холокаустот и антисемитизмот.

Ова не е изолиран случај. Во Велика Британија, раперот беше блокиран да влезе во земјата, по што беше откажан и големиот Wireless фестивал во Лондон, каде што требаше да биде главна ѕвезда. Владата проценила дека неговото присуство „не е во јавен интерес“, што доведе до целосно откажување на настанот и враќање на парите за билетите.

Дополнително, концерт во Франција беше одложен на неодредено време, а сѐ повеќе европски земји размислуваат за слични мерки, што укажува на сериозна криза во неговата меѓународна турнеја.

Контроверзиите околу Канје Вест се поврзани со неговите претходни јавни изјави, вклучително и антисемитски коментари и спорни ставови, кои предизвикаа силни реакции од јавноста, институциите и музичката индустрија.

И покрај тоа што Вест во неколку наврати се извини и ги припиша своите постапки на ментално здравје и биполарно растројство, последиците продолжуваат да се чувствуваат, со откажани настапи, прекинати соработки и зголемен притисок од јавноста.

Сепак, и покрај проблемите во Европа, раперот сѐ уште има закажани настапи во други делови од светот, но неизвесноста околу неговата турнеја останува висока, а прашањето е дали контроверзиите ќе продолжат да влијаат врз неговата кариера.

Scroll to Top