Синоќа во Битола, во големата сала на Народниот театар, се одржа празничниот концерт „Премин 26“, уникатен музички проект на Оливер Јосифовски кој на публиката ѝ понуди несекојдневно уметничко доживување. Настанот привлече бројни посетители, меѓу кои беше и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој ја сподели атмосферата од концертот.

„Премин 26“ не беше само концерт, туку вистинско мултисензорно искуство кое ги надмина класичните музички рамки. Звукот, светлината и тишината се испреплетуваа во едно емотивно патување, кое не се доживува само преку слухот, туку се чувствува длабоко, со срце.

Проектот е резултат на заедничка соработка помеѓу Културниот и информативен центар Битола, НУ Народен театар Битола и НУ Центар за култура, со поддршка од Општина Битола. Концертот уште еднаш ги потврди високите организациски и продукциски капацитети на културните институции во градот.

На сцената настапија врвни музичари и изведувачи, меѓу кои Оливер Јосифовски, Вера Милошевска, Димитар Андоновски, Православниот хор „Св. Ангел Битолски“, Давор Јордановски, Михајло Михајловски, Христијан Јаневски, Андреј Трајковски, Александар Секуловски и Ристо Крстевски.

Со „Премин 26“, Битола уште еднаш покажа дека е град на културата и уметноста, каде што се создаваат проекти што оставаат траен впечаток и ја збогатуваат културната сцена.






