Проданоски: Македонската полиција заслужува почит за својата посветеност и професионалност

По повод 7 Мај – Денот на македонската полиција, градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, го посети Одделението за внатрешни работи – ОВР Прилеп, каде лично им го честиташе празникот на полициските службеници и припадниците на Министерството за внатрешни работи.

Во разговорите со полициските службеници, Проданоски изразил искрена благодарност за нивната посветеност, професионалност и пожртвуваност во секојдневната грижа за безбедноста, мирот и сигурноста на граѓаните.

„Македонската полиција е еден од најважните столбови за стабилно и безбедно општество во Република Македонија. Нивната одговорност и служба кон граѓаните заслужуваат почит и поддршка, затоа што токму преку заедничка соработка, доверба и меѓусебно почитување создаваме посигурна иднина за сите“, истакнал Проданоски.

 

Тој нагласил дека локалната самоуправа ќе продолжи да гради партнерски однос со ОВР Прилеп, со цел обезбедување мирна и стабилна средина за граѓаните.

„Како Локална самоуправа, и понатаму ќе продолжиме да градиме партнерски однос со ОВР Прилеп, во интерес на безбеден, мирен и стабилен град во кој нашите деца ќе растат спокојно и безгрижно“, порача градоначалникот.

На крајот, Проданоски им посакал добро здравје, успех и многу професионални успеси на сите припадници на македонската полиција.

Scroll to Top