Вечерва беше одржан координативен состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување во Прилеп, на кој беше разгледана актуелната состојба со пожарот во селото Чаниште и поширокиот Мариовски регион, како и ризиците од негово понатамошно ширење.
Како што информира градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, на состанокот присуствувале претставници од сите надлежни институции, служби и субјекти кои можат да се вклучат во справувањето со пожарот со човечки ресурси, опрема и механизација.

Според Проданоски, во моментов се координираат сите расположливи сили и се преземаат мерки за локализирање на пожарот, заштита на населените места и спречување на негово натамошно ширење.
„Како Општина Прилеп остануваме целосно ангажирани и ставаме на располагање сè со што располагаме“, порача Проданоски.
Тој посочи дека продолжува координацијата со надлежните институции, јавните претпријатија, компаниите и сите други субјекти кои можат да помогнат со дополнителна механизација, опрема и други ресурси.
Во овој момент, како што нагласи Проданоски, најважно е што нема човечки жртви.
„Наш приоритет остануваат безбедноста и заштитата на животите на граѓаните, нивните домови и имот, како и природата и целиот Мариовски регион“, истакна тој.
Проданоски упати и апел до граѓаните за максимална внимателност и одговорност, особено во услови на високи температури и зголемен ризик од појава и ширење на пожари.
Тој предупреди дека секое невнимание во вакви услови може да предизвика сериозни последици.
Од Општина Прилеп најавуваат дека екипите ќе продолжат да бидат на терен, состојбата постојано ќе се следи, а сите неопходни мерки ќе се преземаат во зависност од развојот на ситуацијата.






