Шакира го запали „Ацтека“: Спектакуларно отворено историското СП 2026

Со спектакуларна музичка програма и настап на светски познатата поп-ѕвезда Шакира, свечено беше отворено Светското првенство во фудбал 2026, најголемиот Мундијал во историјата на овој спорт, на кој за првпат учествуваат 48 репрезентации.

Централната церемонија се одржа на легендарниот стадион „Ацтека“ во Мексико Сити, непосредно пред почетокот на првиот натпревар од шампионатот меѓу Мексико и Јужна Африка. Историскиот стадион, кој беше целосно реновиран за потребите на турнирот, уште еднаш се најде во центарот на светското внимание.

ФИФА повторно ѝ ја довери честа на Шакира да биде заштитно лице на музичкиот дел од Светското првенство, откако нејзината песна „Waka Waka“ стана еден од најпрепознатливите спортски хитови во историјата на мундијалите.

Колумбиската суперѕвезда пред преполните трибини ја изведе новата официјална химна на турнирот „Dai Dai“, која ја создаде во соработка со нигериската музичка ѕвезда Бурна Бој. Настапот беше проследен со спектакуларни светлосни ефекти, кореографија и силни овации од десетиците илјади навивачи присутни на стадионот.

Покрај Шакира, на отворањето настапија и повеќе латиноамерикански музички имиња, кои дополнително ја збогатија атмосферата на почетокот на најголемиот фудбалски настан во светот.

Стадионот „Ацтека“ со ова испиша нова страница во спортската историја, станувајќи првата арена во светот што била домаќин на натпревари од три различни Светски првенства. На истиот стадион се одиграа и финалињата на Мундијалите во 1970 и 1986 година, кога светските титули ги освоија легендарните Пеле и Диего Марадона.

Организаторите најавија дека прославите ќе продолжат и во другите земји домаќини. Дополнителни церемонии ќе се одржат во Торонто, Канада, и Инглвуд во американската сојузна држава Калифорнија. Во Канада предвидени се настапи на Мајкл Бубле и Аланис Морисет, додека американската публика ќе ја забавува поп-ѕвездата Кејти Пери.

Светското првенство 2026 е прво во историјата што се организира во три држави – САД, Канада и Мексико, а истовремено претставува и прв мундијал со 48 национални селекции, што значително го зголемува бројот на натпревари и учесници.

Со спектаклот на „Ацтека“, официјално започна едномесечната фудбалска магија која ќе го насочи вниманието на милијарди љубители на спортот ширум светот.

Scroll to Top