Свадбата на Тејлор Свифт и Тревис Келси ги расплака гостите: Адам Сендлер ги венча, а сите мислеа дека е шега

Свадбата на музичката суперѕвезда Тејлор Свифт и НФЛ ѕвездата Тревис Келси, која се одржа за време на празничниот викенд по повод Денот на независноста на САД во легендарната арена „Медисон Сквер Гарден“, продолжува да биде тема во светските медиуми. Нови детали откриваат дека гостите биле изненадени уште на самиот почеток од церемонијата, кога актерот Адам Сендлер се појавил како официјален водител на венчавката.

Извршниот директор на American Century Investments, Џонатан Томас, кој бил меѓу гостите и добро го познава Тревис Келси, во подкастот „The Compound and Friends“ раскажа дека никој не очекувал токму Сендлер да ја води церемонијата.

„Кога се појави, сите почнаа да се смеат мислејќи дека е шега“, рече Томас.

Но, наместо краток хумористичен настап, познатиот актер одржал говор кој траел околу 20 до 30 минути, во кој наизменично се шегувал, зборувал искрено и емотивно, па дури и запеал неколку песни.

Еден од моментите што најмногу останал во сеќавањето на гостите бил кога, наместо традиционалниот дел од венчалните завети „во богатство и сиромаштија“, Сендлер со насмевка рекол:

„За тоа нема да треба да се грижите.“

Шегата била алузија на огромното богатство на младенците, бидејќи според медиумските проценки, Тејлор Свифт располага со имот вреден околу две милијарди долари, додека и Тревис Келси има повеќемилионско богатство.

На крајот од церемонијата, Сендлер им упатил едноставен, но емотивен совет:

„Бакнувајте се секој ден – наутро, навечер, по вечерата… бакнувајте се што почесто.“

Особено емотивен биле и личните завети што ги напишале младенците.

Според Томас, прв зборувал Тревис Келси, чиј говор траел околу половина час.

„Не сакам да ја нарушам неговата приватност, но плачев. Тој беше неверојатно искрен и ранлив. Погледнав околу себе и видов крупни момци од светот на американскиот фудбал како плачат, па и јас си дозволив да ги покажам емоциите“, раскажал Томас.

Потоа следувале заветите на Тејлор Свифт, кои, според неговите зборови, биле поетски, длабоко емотивни и беспрекорно напишани.

Дека атмосферата била навистина емотивна потврдија и Кајл и Кристин Јушчик, кои исто така присуствувале на свадбата.

„И јас се расплакав. Нивните завети беа толку убави што беше невозможно да не пуштиш солза“, изјавил Кајл.

Неговата сопруга Кристин додала дека речиси секогаш плаче на свадби, но признала дека оваа церемонија била навистина посебна.

Кајл Јушчик ја опиша венчавката со само еден збор – „легендарна“, додавајќи дека тоа била „најдобрата вечер досега“.

Гостите биле опкружени со бројни светски познати личности, меѓу кои Лена Данам, Мариска Харгитеј, Хју Грант, Селена Гомез, Бредли Купер, Сабрина Карпентер, Адам Сендлер, Ема Стоун и Том Брејди.

Кристин Јушчик низ смеа изјавила дека ќе мора да ги запише сите детали од вечерта во дневник, бидејќи доживувањето било толку неверојатно што не сака да заборави ниту еден момент.

Scroll to Top