Новите фотографии од Бредли Купер и Џиџи Хадид предизвикаа вистинска лавина од шпекулации дека славниот пар можеби тајно стапил во брак. Причина за тоа се идентичните прстени што двајцата ги носеа на домалиот прст од левата рака за време на прошетка низ Париз.
Фотографиите брзо се проширија на социјалните мрежи, а бројни обожаватели почнаа да се прашуваат дали парот веќе го изговорил судбоносното „да“. Засега, ниту Бредли Купер ниту Џиџи Хадид не ги коментираа овие шпекулации, а нивните претставници не одговориле на барањата за официјален коментар.

Иако беа облечени лежерно, вниманието го привлече токму прстенот што и двајцата го носеа. Џиџи се појави во фармерки и бела маица без ракави, додека Купер беше во спортска комбинација со маица, тренерки и бејзбол капа свртена наназад.
Истиот ден биле фотографирани и по излегување од теретана, држејќи се за раце, при што прстените повторно биле јасно забележливи.

Дополнителни шпекулации предизвика и фактот што само два дена претходно Купер бил фотографиран без прстен, што ги поттикна прашањата дали во меѓувреме се случило нешто значајно во нивната врска.
Бредли Купер и Џиџи Хадид се заедно од октомври 2023 година, кога за првпат беа видени на заедничка вечера во Њујорк. Во март 2025 година, манекенката ја опиша нивната врска како „многу романтична и среќна“, нагласувајќи дека меѓусебното разбирање и желбата двајцата да вложуваат во врската се клучот за нивната стабилност.
Според извори блиски до парот, Купер уште минатата година размислувал за брак и заедничка иднина со Џиџи.
И двајцата имаат деца од претходни врски. Џиџи е мајка на ќерката Каи, која ја доби со пејачот Зејн Малик, додека Купер ја има ќерката Леа од врската со манекенката Ирина Шајк.
Иако најчесто ја чуваат својата љубов далеку од очите на јавноста, повремено се појавуваат заедно на значајни настани. Така, во мај годинава Купер пристигна на Мет Гала за да ја поддржи Џиџи, иако не прошета по црвениот тепих.
Неодамна Џиџи сподели и ретки фотографии од нивниот заеднички престој во Париз, дополнително потврдувајќи дека нивната врска се развива во сериозна насока. Сепак, засега нема официјална потврда дека парот навистина стапил во брак, иако идентичните прстени повторно ги разгореа гласините.






