Шеснаесет играчи на ракометниот клуб на Кире Лазаров „КЛ7“ и двајца на „Радовиш“ се позитивни на коронавирус. Од клубот на поранешниот македонски капитен соопштија дека кај дел од ракометарите се појавиле симптомите по мечот од второто коло на македонската Суперлига против Радовиш.
Од таму велат дека сите играчи и стручниот штаб ќе одат во изолација. И од клубот на „Радовиш“ потврдија дека двајца од нивните ракометари се позитивни на коронавирус.
„Ја информираме јавноста и надлежните институции дека по натпреварот во Радовиш кај играчите се појавија симптоми карактеристични на вирусот Ковид-19, покачена температура, губење на вкус и мирис, направивме тестирање и кај своите вработени. Тестовите покажаа дека 16 лица се позитивни на Ковид-19. Според прописите, комплетниот играчки кадар ќе биде ставен во изолација во следните 15 денови“, се вели во известувањето на клубот.
Ракометната федерација на Македонија веднаш објави дека целокупното натпреварување во групата А од Супер лигата, каде се наоѓаат КЛ7, Радовиш, Охрид, Пролет, Астраион, Јуниор КВ и Струга, е ставено во 15-дневно мирување, а по новото тестирање во сите клубови и по истекот на овој период натпреварувањето ќе продолжи.