Почина легендарниот кошаркарски тренер Драган Василов – Цевка

Еден од најпознатите кошаркарски тренери, Драган Василов – Цевка, почина на 64 години на тренинг-камп кој се одржува во Маврово.

Василов повеќе од три децении работеше како тренер на млади играчи, а меѓу нив и бројни познати кошаркари и македонски репрезентативци, пред сè од школата на „Работнички“, како Перо Антиќ, Емил Рајковиќ, Ѓорѓи Чековски, Александар Јончевски, а во младинските селекции и Димитар Мираковски, Златко Гоцевски, Александар Антиќ, Кирил Павловски…

Во 1999 година беше селектор на кадетската репрезентација на Македонија која го освои шестото место на Европското првенство во Словенија, што досега е втор најдобар пласман на една македонската младинска селекција, по четвртото место во 1995 година.

По заминувањето од „Работнички“, работеше во уште неколку клубови како „Торус СЦБТ“, „Партизан Водно Санс“, „Јуниор“ и „Феникс 2010“.

Тој беше и претседател на тренерската комисија при Кошаркарската федерација и еден од лидерите на младинскиот камп кој се одржуваше во Маврово, во ко-организација на КФСМ и ФИБА.

Scroll to Top