Аутсајдери во фудбалот има само на хартија, кажа селекторот Милевски откако Македонија ја доби Италија во баражот за Светско

Селекторот на фудбалската репрезентација, Благоја Милевски, рече дека Македонија не е аутсајдер на натпреварот против Италија откако беа објавени резултатите од жрепката за баражот за Светско. Иако европскиот првак е фаворит, Милевски смета дека крајниот резултат ќе зависи најмногу од македонските фудбалери и како тие ќе се покажат на теренот.

„Во денешниот фудбал аутсајдери има само на хартија. Сето она што се случува на терен е сосема друга приказна. Според рејтингот, Италија е фаворит, но на терен за исходот на мечот во голема мера ќе се прашуваме и ние. Покажавме во текот на квалификациите дека имаме квалитет, како и сите други учесници во баражот и ќе се потрудиме тоа да го потврдиме“ вели Милевски во официјалната изјава која ја пренесе Фудбалската федерација..

Натпреварот ќе се игра на 24 март, а Италија ќе биде домаќин.

„Македонија покажа дека без разлика дали игра на домашен или на гостински терен може да се спротивстави на секој противник. Се разбира дека ќе ни недостасува поддршката од публиката, но околностите не можеме да ги менуваме“, додаде селекторот.

Милевски додаде и дека неговите фудбалери не се случајно во мундијалскиот бараж, а во натпреварот против Италија ќе се обидат да го потврдат својот квалитет.

„Италија е актуелен европски првак. Имаме голема почит за противникот и за нивниот селектор. Многупати сум напоменал дека го ценам како селектор и како тренер. Сметам дека е најзаслужен за европската титула на Италија. Под негово водство, сведоци сме на една нова, модерна фудбалска Италија која ги надминува стереотипите базирани само на дефанзива. Играат сосема поинаков фудбал, тоа ги отежнува работите за сите нивни противници, сега и за нас се разбира, но мора да се приспособуваме на предизвиците. Македонија има свои квалитети, нè случајно сме во баражот и ќе се потрудиме да бидеме конкурентни и на овој натпревар“, изјави Милевски.

Scroll to Top