Дибиров ќе биде капитен наместо Стоилов, „Вардар“ вечер игра полуфинале

By

Ракометарите на „Вардар“ вечерва во 20:30 ќе го играат полуфиналето во регионалната СЕХА лига против „ППД Загреб“ без капитенот Стојанче Стоилов, кој имаше позитивен тест на Ковид-19. На негово место ќе биде Тимур Дибиров, кој на вчерашната прес конференција рече дека без Столе „ќе страдаат на фајнал фор турнирот“.

„Тој не е само капитен, туку е срцето на нашиот тим. Ќе видиме дали ќе успееме без него, бидејќи сигурно сме ослабнати. Но, секоја сезона се почнува од почеток. Тешко е да се игра на високо ниво со толку нови ракометари, но одиме чекор по чекор“, рече Дибиров.

Тренерот Стевче Алушовски на пресот во Загреб рече дека „Вардар“ ќе биде нов тим бидејќи има дури девет нови ракометари.

„Во моментов сум задоволен. Секако, се надевам дека ќе можеме да успееме да го дадеме нашиот максимум. Градиме нов тим, не само за овој турнир, туку за целата сезона. Против ‘Нексе’ имавме среќа, но ја заслуживме таа среќа“, изјави Алушовски.

Пред Вардар – ППД Загреб, од 18 часот ќе играат Веспрем – Мешков Брест.

Ќе ви се допадне