Драган Стојковиќ Пикси: Господа од Суперлигата, со американски пари ја уништивте страста на фудбалот

Селекторот на фудбалската репрезентација на Србија, во своето последно интервју го изнесе своето мислење за формирањето на Суперлигата во Европа. Тој вели дека со тоа, автоматски се случува згаснување на прочуената Лига на шампиони.

„Ова е безобразлук, да не употребам некој поостар збор. Ако иднината на европскиот фудбал е во сокерот, тогаш немам што да кажам“, вели Пикси.

„Лично мислам дека таа порализација не е добра. Колку што имам слушнато, тука се има вложено голема сума на американски пари. Е сега, ако ги прашате Американците за фудбал, тие ќе ви кажат дека фудбалот кој тие го играат, е сокер. Јас не ја поддржувам таа идеја, колку и да им изгледа на некои добра. Клубовите кои ќе се одлучат на такво нешто, тие самите се дистанцираат од сите останати. Па господо, дали вие сте тие кои го измисливте фудбалот? Фудбалот е малку поширок поим од вас 12 или колку и да ве има. Не е тоа баш така како што вие мислите. Друго, од каде ги црпите тие играчи? Ги земате од некои рурални предели и села“, изјавил Пикси.

Пикси вели дека на овој наччин, на мапата ќе згаснат сите национални првенства.

„Ќе исчезнат од мапата. Не само српскиот, туку генерално целиот фудбал. Португалскиот, холандскиот. Но, тука се работи за една работа, за пари. Јас немам ништо против парите да бидат двигател за фудбалот, затоа што без нив, овој спорт тешко функционира. Но, ова е претерување. На овој начин богатите и моќните ќе станат уште побогати, а тоа може да се врати како бумеранг“, вели Пикси.

На прашањето што ќе се случи сега со Лига шампиони и во каков состав ќе функционира ова натпреварување, Пикси објаснува дека само времето ќе покаже.

„Во секој случај ваквите поделби се лоши. Но, останува да видиме. Не треба да се заборави дека Лига шампиони е најдоброто и најквалитетно натпреварување, сметајќи ги сите спортови. На кого му смета тоа? На крајот на краиштата, тоа е сериозна шлаканица за УЕФА и ФИФА. А, дали тие тоа ќе  го дозволат? Јас лично мислам не. Ако сакате да играте во оваа Суперлига на Европа, тогаш не можете да играте во националните лиги. Па да ја видиме италијанската лига без Јувентус, Милан и Интер. Дали навивачите тоа ќе го поддржат? Дали навивачите на Манчестер јунајтед ќе бидат посреќни ако го гледаат секој трет ден Реал Мадрид, Барселона, Јувентус или не знам кој уште не? Па нема сигурно. Тие сакаат да ја гледаат својата традиција, својата историја, а тоа е кога играат против клубови од лицата од која потекнуваат. Според тоа, мислам дека таа приказна малку потешко ќе оди. Знам дека сè уште сè се сведува на пари и тие 350 милиони евра кои ќе се добијат за секое учество, но моето прашање е каде е тука солидарноста? Се покажува една ароганција која не е прифатлива, особено сега во време во кое планетата има проблеми со вирусот“, вели Стојковиќ.

Пикси смета дека ќе се изнајде некое решение и дека нема да го доведат барем во прашање настапот на играчите за нивните репрезентации.

„Мислам дека нема да дојде до тоа. Не се до толку луди за да им забранат на фудбалерите кои ќе играат во Суперлигата, истовремено да настапуваат и за своите репрезентации. Но, вака како што почнало не е добро за спортот и фудбалот. Фудбалот не го гледаат богаташи со шампањ во рацето. Има и такви, навистина, но, тоа се поединечни примери. Фудбалот не е само за богатите, фудбалот е страст, направен за средната и сиромашна класа“, вели Пикси.

Реал Мадрид, Манчестер и Челзи ќе бидат исфрлени од Лигата на Шампиони, а на нивно место се враќаат Баерн Минхен, Порто и Дортмунд

Scroll to Top