Атлетската федерација на Македонија ги прогласи најдобрите атлетичари за 2021 година во младинска и сениорска конкуренција. За најдобра атлетичарка е прогласена Дрита Ислами од АК Работнички, а наградата за најдобар атлетичар ја доби Дарио Ивановски од АК Делта.
Ислами на Европското екипно првенство во дисциплината 400 метри со пречки вторпат успеа да го собори сениорскиот рекорд. Ивановски, пак, е балкански шампион во дисциплината 3000 метри во сала и освои пет медали на меѓународната сцена, а собори и десет национални рекорди.
Кај младите, наградите ги освоија Михаела Лазаровска од АК Центар и Адријан Исмаили од АК Камјани.
Во категоријата младинци/младинки се избрани Ана Божиновска и Владимир Сол Битољану, кај пионерите и пионерките се Снежана Туневска и Брајан Авија. Најдобри во категоријата млади пионери се Јумна Фетаху и Мај Марко Атанасовски. Најуспешен атлетски клуб за 2021 година е АК „Делта“ од Скопје. Признание за особен придонес во атлетскиот спорт добија Рахман Алија (тренер), Марија Стојановска (тренер), Александра Војнеска Зикова (за придонес во развојот на Федерацијата) и Ана Крстевска (Жена лидер на Европа).