Вчера, фудбалерите на ПСЖ и Башакшехир го напуштија теренот за време на натпреварот во Лигата на шампионите поради растистички испад на четвртиот судија.
Натпреварот беше прекинат во 14. минута кога турскиот тим го обвини четвртиот судија Себастијан Колтеску дека му се обратил на нивниот помошен тренер Пјер Вебо со зборот Црнец.
Тоа го слушнаа и дел од резервните играчи на празниот стадион.
„Оној таму црниот. Оди и провери кој е. Оној црниот, не смее така да се однесува“, наводно му рекол Колтеску на главниот судија Хацеган алудирајќи на Вебо.
Поранешниот репрезентативец на Камерун доби црвен картон по жестоката расправија покрај аут-линијата. Кога настана инцидентот, играчите на Башакшехир во знак на протест го напуштија теренот, а им се придружија и домашните фудбалери.
„Во договор со двата клуба, УЕФА донесе одлука преостанатите минути од натпреварот да се одиграат денеска со нови официјални лица. Истрага за инцидентот веднаш е отворена“, соопштија од УЕФА.
Романската судиска четворка е сменета, а нов главен судија ќе биде Холанѓанецот Дани Макели.
„Кажете ‘не‘ на расизмот! Пјер Вебо, со тебе сме!“, напиша на „Твитер“ еден од најдобрите играчи на ПСЖ, Килијан Мбапе. Инцидентот го осуди и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„УЕФА мора да преземе неопходни мерки. Ние сме безусловно против расизмот и дискриминацијата во спортот и во сите области на животот“, напиша Ердоган на „Твитер“.