(Галерија) Втор ден се славеше победата над Италија, илјадници фанови ги пречекаа фудбалерите пред порта Македонија

Илјадници фанови се собраа пред порта Македонија за да ги пречекаат фудбалерите кои ја победија Италија во Палермо. На собирот не дојде целата репрезентација поради ковид протоколите, туку само неколку фудбалери. Трајковски, Димитриевски, капитенот Ристовски, Николов, Чурлинов, селекторот Милевски и уште неколку играчи беа меѓу оние што ги поздравија фановите во Скопје.

Победата над Италија се славеше втор ден, но овој пат заедно со фудбалерите. Ги пречекаа со зурли и тапани, со знамиња и песна. Во еден глас се пееја „Бисер балкански“, „Излези момче“, „Македонија навива за вас“… Фановите ги извикуваа имињата на фудбалерите, ги поздравија како херои откако го победија европскиот шампион. Неколку деца успеаја да стигнат до репрезентативците и да се сликаат со нив.

Капитенот Стефан Ристовски не криеше дека е возбуден што толку многу луѓе дојдоа да ги пречекаат. Рече, и во вторник ќе дадат сè од себе да ја повторат добрата игра од Палермо и да ја победат Португалија, па да направат уште поголем пречек и да се видат со уште повеќе навивачи. Фудбалерите по десетина минути си отидоа, но ветија дека наскоро пак ќе се дружат со навивачите.

На пречекот на фудбалерите дојде и градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. Таа на социјалните мрежи објави неколку слики и рече дека е горда на успехот на репрезентативците.

„Голема поддршка и позитивна енергија на пречекот на нашите фудбалери на кои им посакуваме сила за предизвикот кој следи. Горди сме на македонската фудбалска репрезентација. Благодарност до сите граѓани кои излегоа со поддршка на скопскиот плоштад. Да славиме за уште поголеми успеси за Македонија“, напиша таа.

Македонските фудбалери во вторник (29 март), ќе играат против Португалија во финалето за пласман на Светското првенство во Катар. Натпреварот ќе се игра во Порто, на стадионот „Драгао“, чиј капацитет е 48.000 гледачи. Според најавите, за македонските фанови се обезбедени 2.500 билети.

Scroll to Top