Ѓоковиќ избегна итна депортација и се избори да остане во Австралија до понеделник

Најдобриот тенисер во светот, Новак Ѓоковиќ успеа да избегне итна депортација и се избори да остане во Австралија до понеделник. Тој беше задржан на аеродромот во Мелбурн пред почетокот на Австралија Опен.

Во Мелбурн слета вчера пред полноќ по локално време и потоа со часови беше држан на аеродромот поради погрешно пополнето барање за виза, при што му беа одземени сите лични работи освен мобилниот телефон.

Не му беше дозволено да влезе во Австралија, затоа што не беше вакциниран против ковид 19, што е главен предуслов за влез во земјата, иако организаторите на турнирот претходно му дозволија да учествува, без разлика што нема примено вакцина против коронавирус.

Ѓоковиќ доби дозвола за медицинско изземање од вакцинирањето, но министерот за здравство Грег Хант кажа дека не успеал да го поткрепи со добар доказ.

За да не биде итно депортиран адвокатите на Ѓоковиќ успеале во последен момент да поднесат жалба до федералниот суд. Тој беше сместен во имиграциски притвор во хотелот „Парк“ во Карлтон, а од таму објаснија дека немале проблем со неговиот приврмен престој.

Судијата главното сослушување го закажа за понеделник, на само 7 дена пред стартот на Австралија опен. Ѓоковиќ доби поддршка и од неговите колеги, а еден од нив беше и Рафаел Надал, кој рече дека не му се допаѓа ова што го прават со српскиот тенисер.

„Се разбира дека не ми се допаѓа ова што се случува и жал ми е за него. Во исто време, тој ги знаеше условите пред многу месеци и сам ги донесе одлуките“, изјави Рафаел Надал.

Scroll to Top