Ѓоковиќ призна дека бил заразен додека доделувал пехари и давал интервју за „Лекип“

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ денеска детаљно објасни на својот инстаграм-профил зошто не бил во изолација по добивањето позитивен тест на Ковид-19 во декември. Тој рече дека неговиот агент направил грешка кога ја пополнил неговата декларација за патување во Австралија.

Ѓоковиќ вели дека вложил сериозни напори за да ја осигури безбедноста на сите и да ги почитува обврските за тестирање. Тој додаде дека неговото обраќање е поради „континуираните дезинформации за неговите активности и присуство на настани“.

„Овие дезинформации мора да се коригираат, особено во интерес да се ублажат реакциите на јавноста за мојот престој во Австралија, како и да се разјаснат работите штетни и загрижувачки за моето семејство“, напиша тој.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Novak Djokovic (@djokernole)

Ѓоковиќ додаде дека се трудел да ги заштити сите околу него и оти се придржувал на тестирањето на коронавирусот. Тој вели дека присуствувал на кошаркарски натпревар во Белград на 14 декември (Црвена звезда – Барселона) по што пристигнала информација дека голем број луѓе се позитивни на коронавирусот. Иако немал никакви симптоми, на 16 декември направил брз антигенски тест, кој бил негативен. Истиот ден направил и и ПЦР-тест. Следниот ден бил на тениски настан во Белград за да им додели награди на децата.

Тој тврди дека пред да замине направил нов антигенски тест, кој бил негативен, и дека се чувствувал добро. Позитивниот ПЦР-тест го добил дури по настанот. Тенисерот вели дека следниот ден, по доделувањето на трофеите, на 18 декември, во неговиот тениски центар во Белград дал интервју за францускиот весник „Лекип“. Тој го сторил тоа со намера да не ја разочара новинарката.

„Гледав да држам пропишана дистанца и постојано носев маска, освен кога се фотографирав. По тоа, отидов дома да се изолирам. Кога ќе размислам сега, грешка беше што го прифатив интервјуто, кое мораше да се одложи“, додава Ѓоковиќ.

Во врска со неговата декларација за патување во Австралија, во која треба да се наведе дали патувал во рок од 14 дена по пристигнувањето во земјата, тој рече дека неговиот агент несвесно штиклирал погрешно поле на формуларот.

„Што се однесува до мојата декларација за патување, таа беше поднесена од мојот тим за поддршка во мое име, како што им кажав на службениците за имиграција при пристигнувањето, а мојот агент искрено се извинува за административната грешка во која штиклира погрешно поле за моето претходно патување пред да дојдам во Австралија“, напиша Ѓоковиќ.

Австралискиот министер за имиграција, Алекс Хок, сè уште размислува дали да му ја одземе визата пред Австралија опен, кој почнува на 17 јануари, поради контроверзиите за тоа дали светскиот тенисер број еден има право на медицинско изземање. Од неговиот кабинет соопштуваат дека адвокатите на тенисерот доставиле многу информации во врска со неговата виза, а тоа ќе влијае на времето потребно за министерот да одлучи дали ќе му ја укине визата.

Scroll to Top