Иџе не доби дозвола за влез во Италија

Македонскиот автомобилист Игор Стефановски – Иџе не доби дозвола да отпатува во Италија и да учествува во трката од ТЦР-шампионатот. Иџе останува тука бидејќи Македонија и понатаму е на црната листа на земји што немаат дозвола за влез во Италија, но и во другите земји на ЕУ.

Иако Иџе бараше посебна дозвола, и покрај сите дипломатски и спортски залагања, сепак италијанската влада не му дозволи влез поради фактот што Македонија се смета за земја со висок ризик поради пандемијата на коронавирусот.

„Направивме сè. До последен момент очекувавме дека веројатно ќе може да патуваме во Италија и викендов да возам на патеката Муџело. За жал, денес веќе, дефинитивно, јасно е дека на оваа трка нема да учествувам. Покриени се сите трошоци за котизација со цел да обезбедиме учество. Го подготвивме автомобилот кој ги има потребните перформанси за трка. Стапивме во контакт со Амбасадата на Италија. Разгледувавме алтернативи барајќи можност до последен момент. За жал, безуспешно. Нашата земја се најде на списокот на земји на чии граѓани, поради пандемијата, им е забранет влез во Италија. Верувам дека во следниот период годинава, заедно со мојот автомобил и мојот тим, ќе може да бидеме дел од меѓународните тркачки предизвици. Целата енергија и напори ќе ги фокусираме кон ТЦР-шампионатите во Европа. Силно сум убеден дека ќе успееме да бидеме дел од следните трки“, напиша најдобриот македонски автомобилист на социјалните мрежи.

Scroll to Top