Историски бод за ДР Конго, Португалија разочара на стартот од Мундијалот 2026

Фудбалската репрезентација на Демократска Република Конго испиша историја на Светското првенство 2026, освојувајќи го својот прв бод и постигнувајќи го првиот гол на мундијалските настапи по ремито 1:1 против Португалија во првото коло од Групата К.

Португалците одлично го отворија натпреварот во Хјустон и поведоа уште во шестата минута. Педро Нето испрати прецизен центаршут, а Жоао Невеш со удар со глава од непосредна близина ја затресе мрежата за рано водство од 1:0.

Избраниците на Роберто Мартинез продолжија да доминираат и во 17-тата минута беа блиску до втор погодок, но голманот Мпаси-Нзау успешно го одбрани ударот на Нуно Мендеш.

Иако Португалија имаше контрола врз играта, ДР Конго постепено се ослободуваше од притисокот и стануваше сè поопасен во завршницата од првото полувреме. Наградата стигна во судиското продолжение кога по корнер, Виза беше највисок во скокот и со глава погоди за историски 1:1.

Тоа беше првиот гол и првиот бод за ДР Конго на Светските првенства. Африканската селекција претходно настапи само еднаш на мундијалите, во 1974 година под името Заир, кога ги загуби сите три натпревари со вкупна гол-разлика 0:14.

Во второто полувреме Португалија тргна офанзивно во обид повторно да дојде до предност. Во 54-тата минута Жоао Кансело постигна спектакуларен гол со ножички, но по ВАР-проверката беше утврдено дека претходно се наоѓал во недозволена позиција.

И покрај големиот посед на топката, европскиот шампион не успеа да создаде доволно сериозни шанси против цврстата одбрана на Конго.

Посебно разочарувачко издание имаше Кристијано Роналдо, кој со 41 година и 132 дена стана најстариот стартер во историјата на Светските првенства. Легендарниот напаѓач имаше две одлични можности во 68-мата и 73-тата минута по додавања од Консеисао, но во двата наврати шутираше непрецизно.

До крајот на средбата Португалија не успеа да најде решение за организираната одбрана на африканската селекција, која го зачува ремито и освои историски бод на стартот од турнирот.

Во Групата К се наоѓаат уште селекциите на Узбекистан и Колумбија, кои својот натпревар од првото коло го играат во текот на ноќта.

Група К – 1. коло:

Португалија – ДР Конго 1:1

Узбекистан – Колумбија (во текот на ноќта)

За ДР Конго ова реми претставува еден од најголемите успеси во историјата на националниот фудбал, додека Португалија уште на стартот ја искомплицира борбата за првото место во групата.

Scroll to Top