Лазаров: Не е лесно со 42 години да се одигра цел меч, затоа имав и грешки

И покрај поразот на гостувањето кај Романија (22-24), македонската репрезентација ќе игра во завршната фаза од баражот за пласман на СП 2023 и тоа против Чешка, а тоа донесе задоволство кај селекторот-играч, Кирил Лазаров.

Тој рече дека дека неговите избраниците и покрај неуспехот не одиграле толку лошо, колку што противничкиот селектор поставил добра игра во одбраната.

„Пасквал со ништо не ме изненади, одбраната ми беше позната од Барселона, но и покрај тоа ни беше тешко да поставиме напад. Голема работа е што ја минавме Романија, тоа е сериозна репрезентација со многу сериозен тренер, кој знае што сака. Не бевме ние толку лоши колку што беа тие добри дефанзивно. Треба да направиме анализа што беше добро, што лошо. За три недели нè чека двобој со Чешка. Мислам дека сме на добар пат. Најважно е сега да се мобилизираме бидејќи се работи за Македонија и за спортот број еден во државата, да го одржиме континуитетот и со неколку искусни играчи да ја направиме таа промена на генерации“, вели Лазаров по натпреваот.

Заради отсуството на неколку ракометари и Лазаров мораше да ги одигра сите 60 минути во Букурешт.
„Немавме алтернатива на мојата позиција и знаев дека ќе го одиграм цел меч. Направив многу грешки, но на 42 години не е лесно да се одиграа шеесет минути. Мечот можеби не беше убав за око натпреварот, но така требаше да одиграме. Некои момци се скаменија поради атмосферата и не беа полетни и расположени, но мора да се држиме на нашиот систем без разлика како е во салата. Најважно, сепак, е пто ја остваривме целта“, вели селекторот.

Scroll to Top