Лионел Меси за драмата низ која помина: Децата ми плачеа кога им кажав дека сакам да си заминам од Барселона

Фудбалерот на Барселона Лионел Меси раскажа за драмата низ која помина во изминатиот период, поврзана со неговото заминување на каталонскиот клуб. Тој вели дека целото негово семејство, а најмногу најстариот син Тиаго плачеле кога им кажал дека сака да си замине.

Во јавноста се ширеа разни шпекулации дека Манчестер Сити нудел 100 милиони евра, плус уште тројца играчи Габриел Хесус, Ерик Гарсија и Бернардо Силва.

Но, од Барселона останале категорични. Барале 700 милиони евра или ништо. На крајот Меси вели дека одлучил да го одработи својот договор до крај и да ѝ остане верен на Барселона.

Тој вели дека во јавноста се ширеле информации дека сигурно ќе си замине. Па потоа дека Манчестер Сити ќе плателе големи пари за него. Се чекало само на неговата одлука.

Меси претходно тврдеше дека може да си замине од Барселона и како слободен играч, но од клубот упорно го убедувале дека може да си замине, само ако некој плати 700 милиони евра.

Кога на крајот сватил дека никој не може да ги плати тие пари, дека биле премногу дури и за богатиот премиерлигашки клуб Манчестер Сити, единствено што му преостанало е да остане до крајот на неговиот договор. Меси вели дека не сакал да се влече по судови.

Тоа за него би било само грозен крај од 20 годишната врска со клубот.

„Не бев среќен и сакав да си заминам. Но, тоа во никој случај не ми беше дозволено. Затоа ќе останам во клубот, затоа што не сакам да влегувам во правни спорови. Управата на клубот, на чело со Жосеп Марија Бартомеу е катастрофа“, изјавил Меси за Goal.

Целата работа започнала кога Аргентинецот испратил факс до клубот барајќи прекин на договорот на основа на клаузулата која ја има во него. Расправиите траеле со денови. Барселона упорно тврдела дека тој нема право да си замине како слободен играч.

Ако сака да го напушти клубот, некој ќе мора за него да плати 700 милиони евра. Тоа било причината Меси да се откаже од желбата да замине и да издржи уште година дена на Камп Ноу.

„Мислев и бев сигурен дека можам слободно да си заминам. Претседателот секогаш ми збореше дека на крајот од сезоната можам да одлучам дали сакам да останам или не. Сега упорно тврдат дека веста за моето заминување не сум им ја соопштил пред 10 јуни, а тогаш сè уште се натегавме за шпанското првенство поради коронавирусот. Ќе останам во клубот затоа што претседателот ми рече дека единствен начин да си заминам е со плаќање на клаузула од 700 милиони евра, што е невозможно. Втората опција беше да одам на суд, а тоа никогаш не би го направил, затоа што Барселона е клубот кој го сакам, клубот кој ми даде сè откако дојдов да играм тука“, изјавил Меси.

Голема улога во останувањето на Камп Нои, Меси вели дека одиграле и неговите деца и сопруга, кои плачеле кога им кажал дека сака да ја напушти Барселона.

„Кога ѝ кажав на сопругата и децата дека сакам да си заминам од Барселона, тоа беше брутална драма. Целото мое семејтсво почна да плаче. Моите деца не сакаа да ја напуштам Барселна, ниту сакаа да го менуваат школото. Но, јас гледав понатаму во иднината и сакав да се натпреварувам на повисоко ниво, да освојувам титули, да се натпреварувам во Лига на шампиони“, изјавил Меси во своето интервју.

„Сакав да се натпреварувам во Лига на шампиони и да не дозволам да се распаднеме, како во Рим, Ливерпул, Лисабон. Сето тоа ме наведе да размислувам за заминување. Барав нов предизвик. Таа тешка одлука го потресе целото мое семејство. Синот Тиаго ме замоли да не заминувам“, вели Меси.

„Другиот син Матео е сè уште мал и не разбира што значи да се оди некаде и да се живее на друго место. Тиаго е постар. Нешто слушаше по телевизија, нешто ќе дознаеше и ќе ме прашаше. Не сакав да знае како е кога некој ќе те форсира да си заминеш. Да мораш да одиш во ново школо и да стекнеш нови пријатели. Плачеше и ми рече дека тој не сака да си замине. Ми беше многу тешко“, вели Меси кој објаснува дека не се чувствувал во тие моменти осамено.

„Можеби повредено поради работите кои ги слушав од луѓето, од медиумите, од оние кои ја испитуваа мојата верност кон клубот. И кои постојано зборуваа работи кои мислам дека не ги заслужив. Оваа ситуација ги разоткри лицемерите, лажговците, затоа што ме болеше кога ќе се доведеше во прашање мојата љубов кон клубот. Без разлика на тоа дали јас ќе останам или ќе си заминам, мојата љубов кон клубот нема да се промени“, изјавил Меси.

Меси вели дека многумина го прашуваат дали, ваков сега каков што е, незадоволен, ќе продолжи да игра со ист жар и жештина и ќе се бори за титулите во каталинскиот клуб.

„Мојот став нема да се промени без разлика на сè. Јас ќе дадам сè од себе на теренот. Секогаш сакам да победувам. Секогаш го сакам најдоброто за себе, за моите колеги. Тука е и новиот тренер, нови идеи. Јас останувам“, вели Меси.

Аргентинецот во Барселона стигна пред 20 години, како момче кое имаше проблеми со растот. Бил тивок и повлечен, во почетокот неговите другари се шегувале со него, но кога покажа што знае со топката, ја заработи нивната почит. Барса веднаш откри каков дијамант има во своите раце.

Тој дијамант даде сè за овој клуб, освои 34 трофеи, го задржаа до 33 година, но не дозволија ниту да си замине. И покрај ужасните односи со Управата и претседателот Бартомеу, неговата љубов кон Барселона никогаш нема да избледи.

„Ја сакам Барселона и никаде нема да најдам подобро место од тука. Сепак имам право на одлука. Сакав да побарам нови цели и нови предизвици. А утре би можел и да се вратам, затоа што тука во Барселона имам сè“, заврши Меси.

Scroll to Top