Македонската репрезентација загуби 27:25 од Словенија во првиот натпревар од Европското првенство во ракомет. На почетокот македонските ракометари поведоа 3:0, па 4:1, но на крајот загубија со два гола разлика.
Словенија првиот гол го постигна во седмата минута, а потоа направија серија од 6:0. Оттогаш водеа до крајот на натпреварот. На полувремето заминаа со резултат 13:10. Иако на почетокот на второто полувреме Македонија намали на 13:11, ракометарите на Словенија направија нова серија од 3:0 и тоа водство го задржаа до крајот. Македонските ракометари успеаја неколкупати да се доближат на еден гол разлика, но не го израмнија резултатот.
Најефикасен на натпреварот беше Цветан Кузмановски со 8 погодоци. Филип Тлаески постигна 5, Филип Кузмановски 4 гола, а голманот Мартин Томовски имаше 14 одбрани. За играч на мечот беше прогласен словенечкиот голман Јозе Блажник, кој имаше 12 одбрани. Кај Словенците најефикасни беа Доленец со 5, Благотиншек со 4 гола, а по 3 дадоа Јанц и Кодрин.
Неколку часа пред почетокот на натпреварот Ракометната федерација на Македонија соопшти дека капитенот Кире Лазаров се повредил вчера на првиот тренинг и дека нема да може да игра следните три недели. Лазаров на ова првенство ќе биде само селектор на македонската репрезентација.
Следниот натпревар Македонија го игра со Црна Гора в сабота од 18 часот.