Македонскиот фудбалер Аријан Адеми избран за најдобар фудбалер во Хрватска: „Секој успех го славам со семејството“

Македонскиот фудбалски репрезентативец и капитен на „Динамо“ од Загреб, Аријан Адеми, е избран за најдобар фудбалер на Хрватска за 2020 година. Изборот го организира „Т-портал“, а гласаа капитените на сите хрватски клубови. Аријан на изборот освои 66 од 100 гласа.

„Убавите вести секогаш првин ги споделувам со моето семејство. Со нив го славам секој успех, а ова е голем успех за убав крај на 2020 година“, рече Аријан во разговор за „Репортер“.

Во муабетот ни рече и дека е пресреќен што за него гласале капитените на другите тимови, кои му се ривали на теренот.

„Не можам да ја опишам реакцијата кога дознав дека наградата оваа година ми ја дадоа мене. Чувството е одлично. Благодарен сум им на сите капитени на клубовите од хрватската лига, но без тренерот, навивачите и соиграчите ова не би било можно“, ни рече тој.

За Аријан, ова е многу успешна година. Тој со македонската репрезентација направи историски успех и се пласира на Европското првенство во фудбал, што ќе се игра в година. Вели дека има големи очекувања од тимот.

„Успехот на националниот тим е нешто посебно. Сè уште сум без текст и ги средувам впечатоците од тоа што го направивме пред два месеца. Се надевам деќа ќе ги направиме Македонците среќни затоа што тие го заслужуваат тоа. Јас секогаш имам големи очекувања, а така ќе биде и в година, и во квалификациите за Светското првенство, ама и на Европското првенство“, рече Аријан.

А. Јовановска

Scroll to Top