Македонските ракометари првпат го завршија настапот на Европските првенства без освоен бод

Македонската ракометна репрезентација загуби од светскиот шампион Данска и со три порази го заврши учеството на Европското првенство во Унгарија и Словачка. Ова е прв настап на Македонија на големите ракометни натпревари каде што не освои ниту еден бод.

Македонските репрезентативци поведоа 4-0 на почетокот на натпреварот, а Митревски му одбрани пенал на Хансен уште во првите минути. Избраниците на Кире Лазаров само на почетокот играа рамноправно со вториот тим на Данска, а на крајот загубија со десет гола разлика, 31:21.

Пешевски со шест гола беше најдобар стрелец во македонскиот тим, а зад него беше Талески со три гола од десет обиди. Кузманоски даде два гола, исто толку и Мишевски. Митревски имаше шест одбрани, а Томовски една. Најдобар во данскиот тим беше Киркелеке со девет гола.

По третото коло, Данска и Црна Гора ќе го продолжат натпреварувањето во втората фаза на првенството.

Scroll to Top