Новак Ѓоковиќ формира ново здружение за поддршка на тенисерите

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ поднесе оставка од позицијата претседател на Советот на тенисери на АТП. Тој тврди дека неговата функција не се почитува и дека АТП не ги штити тенисерите, па затоа решил да формира ново здружение што ќе се грижи за правата на спортистите. Веста за формирањето на Асоцијација на професионални тенисери (Profesional Tennis Players Association – PTPA) Новак прво ја најави на Инстаграм, а потоа испрати и официјално писмо до јавноста.

„Драги тенисери и пријатели, како што знаете, имав благословена тениска кариера. Немам други интереси освен одржливоста и иднината на тенисот. Соработувајќи со нашиот колега Васек Поспишил и уште десетина други овие години, се трудевме да ги претставуваме интересите на играчите на АТП и на гренд-слемовите. Дури иако бев број еден на светот, ние бевме одбивани, ни ги затвораа вратите, не нè почитуваа.

Учествував во тениската политика преку Советот на тенисери во последните 10-15 години и видов 4-5 различни претседатели и многу претставници на одборите на АТП. Треба да знаете дека Асоцијацијата на тенисери не е нов проект, таа идеја постои веќе 30 години. Многу играчи од различни генерации се обидуваа да создадат здружение или сојуз за играчите да имаат подобра застапеност во тенискиот екосистем. Постојат многу фактори и причини зашто тоа досега не се случи, но веројатно главната е неединството. Структурата на АТП не е добра за тенисерите и во минатото многу пати се докажа дека овој систем е против играчите. Не обвинувам никого поединечно. Разни претседатели и управи во изминатите години се обидуваа да направат разни работи. Нормално направени се некои добри работи за нас. Сепак мислам дека повеќето од нас ќе се сoгласат  дека тенисерите не се третираат како што треба. Многу пати не бевме консултирани за одредени прашања. На пример, минатата ноќ претседателот на АТП за само пет минути одлучи да го откаже целиот ден на турнирот. Никој не нè праша нас кои се натпреваруваме на турнирот. Тоа е погрешно и покажува дека немаат почит кон нас. Ова е само еден пример, а ги има многу.

Бев дел од Советот бидејќи тоа беше единствено место каде што можевме да се бориме за нашите права. Но, за тие кои знаат како функционираат работите, знаат дека Советот не носи одлуки. Во одборот на АТП, ние имаме три члена, исто колку што имаат и АТП-турнирите и во 95% од случаите има судир на интереси помеѓу играчите и турнирите. Секоја одлука треба да се носи со мнозинство, но работите во одборот не функционираат така. Можете да замислите колку е вмешана политиката, сето тоа го видов со свои очи“, стои во дел од писмото на Ѓоковиќ.

Тенисерот откри дека по завршувањето на Отвореното првенство на САД, што почнува денес, ќе откријат повеќе детали за новото здружение и дека ќе се залагаат за подобри услови и поголеми права на тенисерите на турнирите.

Scroll to Top