Новак Ѓоковиќ ќе игра на турнирот во Дубаи

Новак Ѓоковиќ ќе игра на турнирот во Дубаи. Ова го потврдија организаторите, кои рекоа дека се воодушевени што најдобриот тенисер во светот ќе се врати во Дубаи 12 пат и ќе може да се бори за шестата титула.

„Му посакуваме многу среќа. Воодушевени сме што можеме да им посакаме добредојде на толкав број врвни играчи на 30-годишнината од турнирот“, рече извршниот директор Колм Маклафлин.

Покрај Ѓоковиќ, на турнирот ќе настапат и минатогодишниот шампион – Русинот Аслан Карацев, шестиот тенисер на светот – Андреј Рубљов, Канаѓанецот Денис Шаповалов и Шпанецот Роберто Баутиста Агут.

За Ѓоковиќ, ова, најверојатно, ќе биде прв турнир во годината откако австралискиот Сојузен суд на 16 јануари му ја одби жалбата на откажувањето на визата затоа што не беше вакциниран против коронавирус. Тој беше депортиран од Австралија и не можеше да настапи на првиот гренд слем сезонава. Турнирот во Дубаи ќе почне на 21 февруари и ќе трае до 26 февруари.

Scroll to Top