Официјално: Жозе Мурињо се врати во Реал Мадрид – „Специјалниот“ потпиша до 2029 година

Во ден кога светската спортска јавност беше насочена кон свеченото отворање на Светското првенство во фудбал, Реал Мадрид ја активираше вистинската трансфер-бомба на летото. Шпанскиот гигант официјално потврди дека португалскиот стратег Жозе Мурињо се враќа на клупата на „кралскиот клуб“ и ќе го предводи тимот во наредните три сезони.

Според соопштението на клубот, 63-годишниот тренер потпишал договор со важност до 30 јуни 2029 година, а функцијата официјално ќе ја преземе на 13 јули, кога започнуваат подготовките за новата сезона.

Враќањето на Мурињо доаѓа цели 13 години по неговиот прв мандат во Мадрид, кој траеше од 2010 до 2013 година. Во тој период тој успеа да ја прекине доминацијата на Барселона предводена од Пеп Гвардиола и да ја освои титулата во Ла Лига со тогаш рекордни 100 бодови.

Реал плати 15 милиони евра за потписот на Мурињо

Според информациите од Шпанија и Португалија, ангажманот на Мурињо не бил едноставен процес. Неговиот досегашен клуб Бенфика морал официјално да ја извести португалската Комисија за пазар на хартии од вредност дека Реал Мадрид ја активирал откупната клаузула на тренерот.

Интересно е што мадридскиот клуб можел да го ангажира Португалецот за значително помала сума. До крајот на мај постоела клаузула вредна шест милиони евра, но поради претседателските избори во Реал Мадрид таа не била искористена. Поради тоа, управата предводена од Флорентино Перез морала да издвои дури 15 милиони евра за да го обезбеди неговото враќање на „Сантијаго Бернабеу“.

Мурињо како клучен адут на Перез

Враќањето на „Специјалниот“ беше еден од најсилните адути на Флорентино Перез во претседателската кампања. Перез неодамна доби нов мандат на чело на клубот, а поддршката од Мурињо одигра важна улога во неговото реизбирање.

За време на изборната трка, токму видео-пораката од португалскиот стратег привлече огромно внимание меѓу навивачите и членовите на клубот, дополнително зацврстувајќи ја позицијата на актуелниот претседател.

Реал бара излез од кризата

Одлуката за враќање на Мурињо следува по уште една разочарувачка сезона за Реал Мадрид. По разделбата со Чаби Алонсо во јануари, екипата привремено ја водеше Алваро Арбелоа, но клубот втора сезона по ред остана без ниту еден значаен трофеј.

Навивачите со месеци бараа поголем авторитет во соблекувалната и поцврста дисциплина во тимот, а токму тие карактеристики со години се заштитен знак на Мурињо.

Почнува голем ремонт на тимот

Според шпанските медиуми, новиот тренер веќе доставил листа на приоритетни засилувања до спортскиот сектор на клубот.

Мурињо побарал ангажман на:

десен бек,

лев бек кој ќе конкурира за место во составот,

централен дефанзивец,

креативен играч за врска.

Меѓу првите имиња кои се поврзуваат со Реал Мадрид се дефанзивецот на Ливерпул, Ибрахима Конате, како и холандскиот репрезентативец и член на Интер, Дензел Демфрис.

Познат тим на соработници

Мурињо во Мадрид ќе пристигне со својот проверен стручен штаб составен од Жоао Траљао, Педро Мачадо, Роберто Мерела, Антонио Диас и Нуно Сантос.

Сепак, тој покажал подготвеност да ги задржи и дел од постојните луѓе во клубот, меѓу кои кондицискиот тренер Антонио Пинтус и тренерот на голманите Луис Љопис, кои уживаат голема доверба кај раководството на Реал Мадрид.

Во меѓувреме, Бенфика веќе работи на решението за негов наследник, а како најсериозен кандидат се споменува поранешниот тренер на Фулам, Марко Силва.

Со враќањето на Жозе Мурињо, Реал Мадрид отвора ново поглавје во својата историја, надевајќи се дека човекот кој еднаш донесе ред и титули повторно ќе успее да го врати клубот на врвот на европскиот и светскиот фудбал.

Scroll to Top