Почина ќерката на поранешниот селектор на Барса Луис Енрике

Поранешниот стратег на фудбалскиот клуб Барселона и шпански селектор Луис Енрике ја загуби својата ќерка Чана. Деветгодишното девојче ја загуби битката со тешката болест. Чана почина како последица на рак на коските, пренесуваат шпанските медиуми.

Луис Енрике поради загубата на својата ќерка се повлече од кормилото на „црвената фурија“.

„Нашата ќерка Чана почина попладнево по петмесечната интензивна борба со тумор. Благодарност до сите што водеа сметка за дискреција во изминатиот период и имаа разбирање за нашата борба. Благодарност до докторите и медицинските сестри, но и на сите свештени лица кои се молеа за неа. Чана многу ќе ни недостасува, но ќе се сеќаваме на неа до крај на животот и се надеваме дека ќе се сретнеме некаде. Ќе биде ѕвезда водилка на нашето семејство. Спиј мирно“, наведе Енрике во соопштението до шпанската јавност.

Поранешниот стратег на Барселона на 26 март ја остави шпанската фудбалска репрезентација за време на подготовките пред натпреварот со Малта. По три месеци, тој најави дека целосно ќе се повлече од активностите со селекцијата, но тогаш не ги образложи причините за ваквата одлука.

Енрике само се заблагодари на разбирањето и коректното однесување на соработниците, фудбалерите и медиумите.

 

Scroll to Top