Почина ракометарот на „Бутел“ Денис Тот

Ракометарот на РК Бутел, Денис Тот (27) почина на КАРИЛ, дознава „Репортер“ од ракометните кругови. И покрај напорите на лекарите, тие не успеале да го спасат хрватскиот ракометар. Неофицијално, причина за смртта се срцеви проблеми.

Откако синоќа беше објавена информација дека Тот бил физички нападнат пред дискотека во Скопје и со тешки повреди бил пренесен во Клиничкиот центар, денеска од МВР соопштија дека ракометарот бил донесено во болница во бесознание, но без видливи повреди од насилство.

„МВР  ја информира јавноста дека вчера (7.4.2022) во 4:11 часот од Клинички центар во СВР Скопје е пријавено дека кај нив во бесознание, без видливи траги на насилство е донесен Д.Т. и веднаш му е пружена лекарска помош. СВР Скопје презема мерки за расчистување на случајот и за тоа соодветно ќе ја известиме јавноста“, информираа од полицијата.

Од неговиот клуб доцна синоќа потврдија дека тој се наоѓа во тешка состојба.

„Родителите се на пат кон Скопје, но немаме информации што точно се случило“, изјавил братот на Денис Тот, кој кариерата ја гради во Холандија. Тот во Бутел пристигна од Охрид, во кариерата играл за Адемар Леон, Брук, Пореч и Бјеловар.

 

Scroll to Top