Почина светската шампионка во брзо лизгање

Светската шампионка во брзо лизгање и освојувачка на медал на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг, Лара ван Рујвен, почина само две недели откако ѝ беше дијагностицирана автоимуна болест. Таа имаше 27 години.

На холандската спортистка минатиот месец ѝ била дијагностицирана автоимуна болест, додека престојувала во тренинг камп, но не е наведено за која станува збор. Таа брзо по откривањето на болеста е ставена во индуцирана кома. Лекарите направиле сè за да ѝ го спасат животот, дури и ја оперирале.

„Ова е голем удар за нашата многу поврзана група. Многу ни недостасуваше во претходните две недели, а оваа вест е неверојатна“, изјави тренерот на холандската репрезентација во брзо лизгање, Џерон Отер.

Инаку, Лара ван Рујвен светското злато го освои минатата година во трка на 500 метри, додека на ОИ во Јужна Кореја со штафетата на 3.000 метри стигна до бронзениот медал.

Scroll to Top