„Сакам да ја освојам Лигата на шампионите“: Фудбалерот Давид Тошевски направи најскап трансфер од Македонија

Фудбалерот Давид Тошевски на 19 години потпиша милионски договор со рускиот клуб „Ростов“. За пет години тој ќе добие два милиона евра, а „Работнички“, клубот во кој играше оваа сезона, ќе добие отштета од еден милион. Со тоа Давид го направи најскапиот трансфер на македонски играч во странски клуб. Во интервју за „Репортер“ ни раскажа дека имал понуди и од други големи клубови, „Интер“, „Лил“ и „Црвена звезда“, но сепак го избрал „Ростов“. Вели и дека еден ден сака да ја освои Лигата на шампионите.

„Понудата да играм во Русија стигна на имејл. Пишуваше дека ја следеле мојата игра. Потоа неколкупати се слушнав со тренерот Валери Карпин, легенда на рускиот фудбал, и тој ме убеди дека треба да се преселам во ‘Ростов’. Кога човек како него ќе те побара да играш во неговиот клуб, тоа не се одбива“, ни раскажа Тошевски, кој игра во нападот.

Давид до крајот на оваа недела треба да се пресели во Русија. Сега чека виза и дозвола да може да патува. Вели дека е среќен што и во „Ростов“ ќе го носи дресот со број 9, како и до сега. Во меѓувреме, секој ден има тренизи за да остане во форма.

„Отсекогаш сакав да бидам фудбалер. Почнав да играм на 6 години во ‘Работнички’ затоа што мој другар играше таму. И првиот професионален договор го потпишав со овој клуб на 17 години. Во меѓувреме, играв за сите младински селекции на Македонија, а сега сум дел од репрезентацијата до 19 години“, рече Давид.

Ни раскажа дека отсекогаш имал голема поддршка од семејството, ама и професорите од гимназијата „Јосип Броз Тито“ му излегувале во пресрет кога имал натпревар или тренинг, па не можел да оди на часови. Поради напорната работа и добрата игра, годинава Давид се најде и во идеалниот тим на Македонската прва лига.

„Тоа што сум во иделаниот тим на сезоната е само уште една награда за трудот што го вложувам, за мојата долгогодишна работа и упорност. Се трудам многу, тренирам и кога немам тренинзи. Имам голема поддршка и од клубот и од играчите, но ништо од ова и немаше да биде возможно без Саше Христовски, кој четири години се грижи да бидам што подобар и физички спремен за натпревар“, вели тој.

Иако е на почетокот, не крие дека се гордее со себе и на тоа што го постигнал досега, особено што ги надмина и Пандев и Елмас со сумата што ја доби за трансфер од Македонија во странство.

„Убаво е чувството да влезеш во историјата на мак-фудбалот со ваков трансфер. Горан и Елиф ми се репер за тоа како треба да се развива еден фудбалер во кариерата. Се надевам дека ќе одам по нивните стапки, дека ќе го достигнам врвот во фудбалот и еден ден ќе ја освојам Лигата на шампионите“, додава Давид.

А. Јовановска

Scroll to Top