Поранешниот тренер на „Вардар“, а сега селектор на Египет, Роберто Гарсија Парондо, во интервју за „Балкан хендбол“ призна дека и понатаму жали што морал да си замине од Македонија и сака еден ден да се врати во Скопје. Тој во интервјуто зборуваше за својот престој во Египет и вели „тоа е само работа“.
„Добро е во Египет, но не е исто како во Македонија. Ама, јас сум ракометен тренер и тука треба само да тренирам. Нема притисок, ние сакаме да го направиме најдоброто како можеме на следното првенство на кое ќе бидеме домаќини. Кога бев во Вардар беше одлично, ние игравме многу добро, имавме една многу добра сезона“, рече во интервјуто Парондо и се потсети на сезоната кога го одведе „Вардар“ до титулата во Лигата на шампионите.
Тој вели и дека тоа била една од најтешките сезони на клубот.
„Имаше многу промени, многу нови играчи. Но, кога тренираш заедно, потоа ќе има подобри игри. Но не беше само титулата, мене ми беше многу добро во Скопје, како и на мојата фамилија. За сите нас беше многу тешко кога моравме да си одиме. Ама таква беше ситуацијата, имаше проблеми и знаев дека треба да се оди на друго место. Сигурен сум деја еден ден ќе се вратам во Македонија“, додава тој во интервјуто.