Документарниот филм „Михаел Шумахер: Во потрага за вистината“ на француската ТВ-мрежа „РМЦ“ се обидува да најде повеќе детали за состојбата на седумкратниот Формула 1 шампион.
Семејството на Шумахер речиси седум години успешно го крие од очите на јавноста во нивниот дом во Швајцарија.
Заклучокот на повеќе лекари и невролози е дека тој се наоѓа во вегетативна состојба, од кој нема да има подобрување.
Шумахер доби сериозни повреди на мозокот при падот на скијање во декември 2013 на Француските Алпи. Досега е јавно објавено дека е разбуден од кома, но други детали нема.
Според докторот Ерих Ридерер од клинината во Цирих, главниот проблем е операцијата на мозокот која била направена предоцна.
„Неврохирурзите секогаш велат дека времето е мозок, што значи дека мора да реагирате пребргу. Според моето мислење, операцијата се случи предоцна и се дозволи да се уништи премногу од неговата мозочна маса. Тој сега е во вегетативна состојба. Што значи точно тоа? Тој е буден, но не реагира. Дише, неговото срце чука, најверојатно може да седи сам и да се движи со нечија помош. Но, не верувам дека постои можност за подобрување“, вели Ридерер.
Францускиот доктор за итни случаи, Жералд Кирзек се согласува со оценката.
„По повеќе од шест години во состојба со сериозна повреда на главата, најверојатно врзан за кревет и со атрофирани мускули е тешко да се очекува било какво подобрување“, Веки Кирзек.
Францускиот писател, Лук Доменжоз, кој во минатото објави автобиографија на Германецот исто така очекува дека нема да го видиме Шумахер во јавноста.
„Мислам дека неговиот живот нема да трае долго, бидејќи телото му е многу ослабено“, вели Доменжоз.