Српскиот кошаркар Александар Зечевиќ заглавен во Украина: Се обидувам да ја напуштам оваа земја

Српскиот кошаркар Александар Зечевиќ, кој професионално се занимава со кошарка во Украина, од утрово се обидува да ја напушти земјата која е под напад на руските сили. Тој изјави за „Еуроњуз Србија“ дека е на пат кон романската граница и се надева дека ќе може да ја напушти Украина без никакви проблеми.

„Го напуштив Харков утрово, моментално одам на романската граница. Ме контактираа од амбасадата, мислам дека нема да има никакви проблеми“, изјави Зечевиќ за Еуроњуз Србија.

Тој утрово се огласи на Инстаграм, наведувајќи дека се обидува да ја напушти земјата.

„Сега сум оддалечен 400 километри од Харков и се чувствувам безбедно“, додаде тој за „Еуроњуз Србија“.

Како што изјави претходно, по ескалацијата во Украина, тој остана единствениот странец во својот клуб.

„Имавме четворица странци, Американци во клубот и сите тројца Американци синоќа отпатуваа од Киев во Америка. Моментално сум единствениот странец во овој клуб. Во постојан контакт сум со нашата амбасада, како и со мојот клуб. Ја следиме ситуацијата ако се влошува, клубот ќе направи план за евакуација, да ме евакуираат на безбедно место“, изјави претходно Зечевиќ за РТС.

Тој додаде дека неговото семејство сакало да се качи во првиот авион.

„Дури и татко ми сакаше да дојде овде и да ме земе, буквално да дојде во градот и да ме однесе дома, но заедно со амбасадата, мојот агент и клубот се обидуваме да ја смириме ситуацијата дома. Сè ќе биде в ред“, изјави тогаш Зечевиќ.

Scroll to Top