Судењето за српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ, на кое ќе се одлучува дали ќе му биде одобрен влез во земјата за да игра на Австралија опен, или ќе биде депортиран, ќе се пренесува во живо. Поради големиот интерес на светската јавност, австралиските власти објавија линк на кој ќе може да се следи преносот. Судењето во австралискиот федерален суд почнува во 10 часот наутро по локално време, односно вечерва точно на полноќ по наше време.
Случајот со најдобриот светски тенисер со денови е во центарот на вниманието на јавноста. На Новак му беше одбиена визата за влез во Австралија со образложение дека тој не приложил соодветни докази со кои ќе го поткрепи документот за медицинското изземање, односно да го оправда неговиот влез во земјата иако не е вакциниран. Неговите адвокати успеаја да договорот судење на кое тој ќе го образложи својот случај и причините зошто и без вакцина треба да биде пуштен да игра на првиот Гренд слем турнир во годината.
За потсетување, Ѓоковиќ на аеродромот беше испитуван шест часа, а потоа беше пренесен во притвор во прифатниот центар за мигранти во Мелбурн. Австралијците не му дозволија судењето да го чека во приватно сместување со пристап до тениско игралиште, за да може да тренира во случај да му биде дозволен влез во земјата. Пред хотелот каде што е сместен секојдневно се собираат фанови во знак на поддршка.
Во меѓувреме, неговите адвокати открија дека Ѓоковиќ го добил изземањето врз основа на документ со кој се докажува дека бил заразен од корона на 16 декември, односно дека тенисерот веќе се опоравил од вирусот и дека поради тоа може да влезе во Австралија.
Веднаш потоа во медиумите се појави фотографија од Ѓоковиќ од 17 декември каде е на настан со многу деца, на кои им дели пехари, а од фотографиите се гледа дека не држи дистанца и не носи маска, иако според тврдењата на адвокатите, ден претходно дознал дека е заразен.
И француски „Л’Екип“ потоа објави и фотографија од Ѓоковиќ на која тенисерот на 18 декември бил на снимање на едиторијал и во таа прилика никому не кажал дека е позитивен.
Судот вечерва ќе одлучи дали тенисерот ќе добие виза за влез во Австралија, каде што ќе проба да ја освои својата 10. титула на Австралија опен и 21. на Гренд слем турнирите. Ако Ѓоковиќ не добие виза и биде депортиран, тој се соочува со повеќегодишна забрана за влез во Австралија.
Ѓоковиќ бил позитивен на ковид на 16 декември, а следниот ден врачил пехари на деца