Трка од Ф1 првпат ќе се вози на култната патека во Муџело

Формула 1 денеска потврди дека во променетиот календар за сезоната 2020 ќе се возат уште две трки – во Сочи и во Муџело. Со ова бројот на трки за новата сезона се искачи на десет.

Трката во Муџело ќе биде прва во Ф1, иако оваа патека е една од легендарните на кои се возат трки од Мото ГП-шампионатот. Италијанскиот авто-мотоцентар е во сопственост на Ферари, а Ф1 сака со овој потег да ја одбележи трката број 1.000 за Скудерија, која ќе се одржи викендот од 11 до 13 септември.

Муџело ќе се вози една недела по Монца (6 септември), која досега беше последна потврдена трка во календарот со осум. Истовремено, Муџело ќе биде четвртата патека што се возела на италијанска почва во 70-годишната историја, по Монца, Имола и Пескара (само еднаш во 1957).

По трката во Муџело, Ф1-карванот ќе има една недела пауза, а на 25 и 27 септември ќе се вози трката во Сочи за руското ГП.

Ф1 и понатаму е со намера да организира од 15 до 18 трки. Се очекува набргу да бидат потврдени и други трки од календарот за 2020 година, а засега се зборува дека сигурни се само Абу Даби и Бахреин.

Scroll to Top