Уапсен поранешен фудбалер на „Партизан“ за обид за убиство

Полицијата во Србија го уапси поранешниот фудбалер на „Партизан“, Никола Малбаша, поради сомнение дека пред десет дена во Земун, со нож во повеќе наврати го ранил и му нанел тешки повреди на познатиот дилер Игор Нешковиќ, пишуваат српските медиуми.

Малбаша бил приведен и задржан 48 часа во полиција поради обид за убиство. Покрај кривичната пријава, тој бил приведен и во Високото јавно обвинителство во Белград.

Како што пренесуваат од полицијата, Малбаша на 8 јули во Земун влегол во автомобилот на Нешковиќ и по кратката вербална расправија, му нанел повеќе убоди со нож во стомакот. Потоа избегал во непознат правец.

Игор со возило на итната помош бил пренесен во болница, каде што бил опериран. Лекарите велат дека му биле нанесени повеќекратни убоди со остар предмет. Неговата состојба засега е стабилна.

„Сè уште не е јасно што се случило таа вечер. Зошто влегле двајцата во конфликт. Според некои информации, Малбаша живеел во близина на местото на настанот. Полицијата не го најде на адресата, па беше распишана потерница. Тој би требало донекаде да ги разјасни сите околности од крвавиот инцидент“, изјавил извор запознаен со истрагата за српските медиуми.

Игор Нешковиќ ѝ е познат на полицијата од поодамна. Тој има досие и бил приведуван досега неколкупати. Против него биле поднесени и кривични пријави за трговија со наркотици и кражба на автомобили за што бил и осудуван.

Засега не е познато како Малбаша се вмешал во вакво друштво. По завршувањето на фудбалската кариера, тој се повлекол во родниот Земун, каде што почнал приватен бизнис.

Според некои информации, двајцата еден период биле соседи, па оттука може да се каже дека се познаваат од поодамна, пишуваат медиумите. Дали во нивниот меѓусебен конфликт се вмешани и други лица, засега не е познато. Тоа треба да го утврди истрагата, велат надлежните.

Малбаша кариерата ја почнал во фудбалскиот клуб „Земун“. Подоцна настапувал за “Младост“ од Апатина. Прволигашката афирмација ја доживеал во „Хајдук кула“, а во сезоната 2002/2003 потпиша за „Партизан“ во период кога тренер на „црно-белите“ беше Лотар Матеус.

 

Scroll to Top