Вардар шампион, Силекс ќе игра во Лига на Шампиони, Шкендија, Ренова и Шкупи во Лига Европа

Фудбалскиот клуб Вардар е новиот шампин на Македонија. Ова денес беше одлучено на седницата на Управниот одбор на Фудбалската Федерација на Македонија, од каде ги потврдија учесниците во европските натпреварувања во сезоната 2020/21.

Фудбалскиот клуб Силекс ќе игра во квалификациите за Лигата на шампиони, додека Шкендија, Ренова и Шкупи ќе настапат во квалификациите на Лига Европа.

Овој епилог е откако не се доигра Купот на Македонија, преку кој требаше да се одреди еден од учесниците во ЛЕ, и откако Вардар втора година во низа не успеа да добие европска лиценца за натпреварување, иако беше на првото место на табелата.

ФФМ во своето соопштение ги образложува своите одлуки:

„На седницата на Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија беа донесени следните одлуки:

–  Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија го прифати предлогот од Комисијата за натпреварување во однос на замрзнатата табела на МФЛ од натпреварувачката сезона 2019/2020 година по одиграно 23. коло од Прва МФЛ и 17. коло од Втора МФЛ со која првопласираните екипи од Втора МФЛ – Исток и Втора МФЛ – Запад се промовирани во Прва МФЛ од натпреварувачката сезона 2020/2021 и ФК Вардар како првопласиран тим во натпреварувачката сезона 2019/2020. Иако, како првопласираната екипа, ФК Вардар доби можност да учествува во квалификациите од УЕФА Лига на Шампиони, поради недобиената лиценца за УЕФА натпреварувања, ФК Вардар нема можност да го искористи правото кое му следува како првопласирана екипа за натпреварувачка 2019/2020.

–  Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија го прифати предлогот од Комисијата за натпреварување во однос на екипите кои обезбедуваат право за учество во УЕФА натпреварување во сезона 2020/2021. Врз основа на податоците и замрзнатата табела на Прва МФЛ во натпреварувачката сезона 2019/2020 по одиграно 23. коло, Комисијата за натпреварување предложи, а У.О. на ФФМ прифати, со право за  учество во УЕФА натпреварување во сезона 2020/2021 да се стекнат екипите на: ФК Силекс АД – Кратово – УЕФА Лига Шампиони, ФК Шкендија АД Тетово – УЕФА Лига на Европа, ФК Ренова АД Џепчиште – УЕФА Лига на  Европа, а поради прекин на Куп натпреварувањето и неможноста да се добие победник во Купот на Македонија, правото на Куп победникот за натпреварување во УЕФА Лига на Европа, согласно УЕФА правилата, се пренесува на последователното најдобро рангираната екипа во првенството која не остварила пласман за УЕФА. Комисијата за натпреварување констатираше, а У.О. на ФФМ го прифати предлогот дека последователно најдобро рангирана екипа во првенството по одиграно 23. коло на замрзнатата табела од Прва МФЛ е петто пласираната екипа, односно екипата на ФК Шкупи 1927 АД Скопје која се стекнува со право на настап во УЕФА Лига на Европа.

–  Управниот одбор на ФФМ го усвои календарот за натпреварувачката сезона 2020/2021. Согласно календарот за натпреварување, Прва МФЛ ќе започне на 9. август 2020 година, додека на 22. август ќе стартува новата сезона од Втора МФЛ. Шеснаесет финалните натпревари од Купот на Македонија ќе започнат на 23. септември 2020.

–  Управниот одбор на ФФМ донесе одлука летниот преоден рок да трае цели дванаесет седмици, односно летниот преоден рок ќе заврши на 6. септември 2020. година.

–  Управниот одбор на ФФМ донесе одлука за промена на терминот на одржување на Редовното Годишно Собрание на ФФМ. Доколку условите дозволуваат, 12. јули 2020 година ќе биде датумот на одржување на Редовното Годишно Собрание на ФФМ.“

Scroll to Top