(Видео) Ибрахимовиќ четири години чекал да му се одмазди на Марко Матераци

By

Шведскиот фудбалер Златан Ибрахимовиќ вели дека четири години чекал за да му се одмазди на Марко Матераци, за опасниот старт на мечот меѓу Јувентус и Интер. Италијанскиот фудбалер Марко Матераци беше познат по своето неспортско однесување на фудбалските терени.

Додека Матераци играше за Интер, го фаулираше Ибрахимовиќ, по што Швеѓанецот мораше да го напушти предвреме теренот. Ибрахимовиќ во последното интервју открил дека четири години подоцна се нашол повторно во дуел со Матераци, но овој пат како играч на Милан. Тука ја гледал шансата за одмазда.

„Забележав дека Матераци повторно тргна на мене и јас го удрив со теквондо-потег. Го испратив во болница. Дејан Станковиќ ме праша зошто го направив тоа. Му реков дека го чекав овој момент четири години“, открил Ибрахимовиќ.

Матераци по изјавата на Ибрахимовиќ се јави на социјалните мрежи. Тој му одговори на Ибрахимовиќ дека Интер никогаш немало да ја освои титулата во Лига на шампиони со него во составот. Ибра беше дел од „нераѕурите“ од 2006 до 2009 година, а европската титула ја освоија една година подоцна, откако Швеѓанецот се пресели во Барселона.

„Дојдов, видов, освоив… Во секој случај, фала ти Златане, никогаш не би успеале без тебе“, напишал Матераци.

Трофејот во Лига на шампиони е единствениот кој Златан Ибрахимовиќ го нема освоено во својата блескава кариера.

Ќе ви се допадне