(Видео) Луис Хамилтон рапува во песна на Кристина Агилера

Шесткратниот шампион во Формула 1, возачот на Мерцедес, Луис Хамилтон, призна дека рапува во песната на Кристина Агилера, Pipe, од 2018 година, под името XNDA.

Хамилтон ова го откри во објава на „Инстаграм“, иако подолго време се шпекулира дека гласот е негов, но тој дури денеска потврди дека се крие зад името на раперот XNDA. Луис има свое студио, пишува и компонира песни. Вели дека го напишал својот текст во песната за два часа.

„Изминативе 10 години или повеќе пишував и снимав, работев со некои од најталентираните и најпрекрасни луѓе за што сум им благодарен. Кога ќе најдете нешто што толку многу го сакате, што можете да го правите само за себе, мислам дека тоа е неверојатен процес. Дојде време да ја споделам таа љубов со вас. Јас немам проект или албум, само куп песни со кои некои од вас може да се поврзат“, напиша Хамилтон.

Тој вели дека во одреден момент ќе ја претстави својата работа пред јавноста и призна дека соработувал со Агилера.

„Една неверојатно прекрасна и талентирана личност ме замоли да бидам на нејзиниот албум. Бев воодушевен и ја искористив можноста. Имав два часа да напишам краток стих и да го снимам. Целта беше да излезам под поинакво име за да можете првин да ја слушнете музиката и потоа да откриете дека станува збор за мене, но не излезе на начинот на кој планирав“, рече Хамилтон.

„Се срамав да признаам дека сум јас, не знам зошто, можеби поради мојата несигурност, страв, премногу размислување, нешто што луѓето може да го разберат. Сакам да кажам дека сум XNDA и дека сум ѝ благодарен на Кристина Агилера што ми даде простор да се покажам. Ја почитувам и сè што направи во бизнисот“, додаде тој.

Оваа сезона Хамилтон се обидува да ја освои седмата шампионска титула во Формула 1 и да се изедначи со рекордерот Михаел Шумахер.

Scroll to Top