„Властите не ми даваа да спијам, а и колегите силно ме повредија“, Ѓоковиќ раскажа за ужасот низ кој мина во Австралија

Најдобриот тенисер Новак Ѓоковиќ во интервјуто за Би-би-си отворено зборуваше за условите што ги имал за време на престојот во Австралија. Тој рече дека тие биле неподносливи и дека на моменти не можел да спие затоа што надлежните постојано го испрашувале во текот на ноќта.

„Никој за време на судскиот процес и додека се случуваше целата таа австралиска сага не ме праша каков е мојот став во врска со короната или да ме праша за мислење за вакцинирањето. Не можев да ги изразам моите чувства и да кажам каков е мојот став по тоа прашање. Во хотелот во кој бев сместен можам да кажам дека воопшто не беше пријатно и удобно. Таму поминав седум дена и за целиот тој период се чувствував беспомошно. Не можев да го користам телефонот. Ме будеа среде ноќ за да ме испрашуваат. Тоа траеше од еден до девет часот утрото. Ме испрашуваа на секои 30 минути. Многупати се случуваше испрашувањето да биде прекинато за некој од нив да разговара со својот надреден. Тоа траеше цела ноќ. Па потоа и визата ми ја повлекоа. Дури четвртиот ден ме пуштија да тренирам“, рече Ѓоковиќ.

Ѓоковиќ зборуваше и за своите колеги тенисери и за луѓето што ги сметал за големи пријатели, но за кои на крајот вели дека е многу разочаран и дека силно го повредиле.

„Колегите ме повредија многу. Ја чувствував таа негативна енергија, нивните погледи кон мене и од луѓето што се наоѓаа во иста зграда со мене. Тие за мене го мислеа она што медиумите го пласираа во јавноста, а јас намерно не излегов да кажам што мислам затоа што ги почитував правната постапка и Австралија опен. Не ми беше пријатно. Не сакам да седам овде и да се жалам, но тогаш се чувствував беспомошно“, рече Ѓоковиќ.

Пред турнирот, дури и Шпанецот Рафаел Надал, кој важеше за негов голем пријател, рече дека Ѓоковиќ не е поважен од Австралија опен и дека турнирот треба да се одржи и без него.

„Не сакав да го гледам финалето меѓу Медведев и Надал затоа што јас сакав да бидам тој што ќе игра на теренот. Но, ми беше забавно да ги гледам мојата сопруга Јелена, која навиваше за Медведев, и мојот син Стефан, кој беше фан на Надал“, рече Ѓоковиќ.

Тој призна и за грешката што ја направил еден месец пред Австралија кога го дал интервјуто за „Лекип“ иако знаел дека е позитивен на коронавирус.

„Вистина е. Бев позитивен и тоа беше ужасна грешка и процена да се согласам да го дадам тоа интервју. Би сакал да можам да го вратам времето и да ги сменам работите. Но, го дадов од неколку причини. Првин затоа што го почитувам „Лекип“ како еден од најдобрите спортски медиуми во светот. Нивниот новинар го познавам многу години и секогаш имав одлични односи со него. Веќе бевме договорени за да го направиме тоа интервју од поодамна и не сакав да го изнверам. Дали требаше да бидам повнимателен? Дали требаше да го известам. Апсолутно. Би сакал да го вратам времето, тоа беше моја грешка, признавам, и стојам зад неа и многу ми е жал“, рече Ѓоковиќ.

Тенисерот зборуваше и за грижата на неговото здравје и тело. Тој рече дека најголем приоритет во животот му е долговечноста и дека прави сѐ за да изгледа поздраво. Во врска со Ковид-19, рече дека го сфаќа многу сериозно и дека секаде кај и да се појавел, ги почитувал мерките против вирусот.

„Што се однесува до ‘Адрија тур’, ние го почитувавме секој протокол и пропис што беше во сила во секоја држава каде што бевме. Но, тогаш не беа задолжителни маските и спортските настани можеа да се одржат. Го разбирам тоа кога ќе гледате од перспектива од некоја земја во која мерките се поблаги, па со поинакви очи гледате за работите во земјата каде што тие се построги. Но, секоја држава со короната се бори на свој начин“, рече Ѓоковиќ.

Scroll to Top