За Кире Лазаров, Европското првенство е нерегуларно, чудно е како само една репрезентација нема проблем со короната

Селекторот на ракоментата репрезентација, Кире Лазаров, вели дека Европското првенство во Унгарија и Словачка е наместено. Тој во интервју за хрватски „Индекс“ рече дека на ова првенство не важеле никакви правила и немало никаква регуларност.

Слабиот пласман на Македонија, но и на другите репрезентации, тој го објасни со проблемите на играчите што имаа коронавирус. Тој рече дека му е чудно како само Данска го нема тој проблем.

„На ова првенство не важат никакви правила и нема регуларност. Не е можно да се процени нечија сила со оглед што пред или подоцна сите влегоа во проблеми со коронавирусот. Но, чудно ми е што само селекцијата на Данска нема вакви проблеми. Сите пречки ги минаа лесно. Сите други имаа проблеми во одреден момент и поради тоа сметам дека ова ЕП е нерегуларно“, рече Лазаров за хрватски „Индекс“.

„Јас почнав со подмладување на репрезентацијата. На последното тестирање пред да заминеме на Европското, дури 7 важни играчи беа позитивни, а поради повреда, останавме и без тројца важни играчи – јас, Манасков и Марковски, па несреќниот Ковид-19 нѐ натера, сакавме или не, да играме со млади играчи. Имав шесетмина со 20 години во составот, а повторно до 59. минута бевме рамни со Словнија и Црна Гора. Да се плаче, не се исплаќа. Во денешно време секој секоја ситуација може да ја толкува како сака на поинаков начин, на начин на кој му одговара и на тој начин да го гледа својот интерес. Најважно е да на ја губиме главата во овој хаос. Мораме да ја прифатиме ситуацијата и да гледаме напред“, рече Лазаров.

Тој поради повреда во Дебрецин не играше и беше само селектор. Лазаров е еден од најголемите ракометари во историјата и еден од најдобрите шутери. Рекордер е по бројот на голови на едно Европско. Во 2012 година постигна 61 гол на 7 натпревари, а на Светското првенство во Хрватска во 2009 година постигна рекордни 92 гола во 9 натпревари.

Во кариерата играше за Пелистер, Загреб, Веспрем, Циудад Реал, Атлетико Мадрид, Барселона, а на 41 година и понатаму е клучен играч за францускиот тим Нант. Селектор е на Македонија, а да не беше повреден пред самиот почеток, ќе беше и единствениот во историјата со статус на играч и тренер.

Македонија на ова Европско ги загуби сите три натпревари против Данка, Словенија и Црна Гора и на крајот заврши на 22. место од 24 екипи. Ова беше најлошиот пласман на Македонија на едно Европско првенство.

 

Scroll to Top