Фустани и костими направени од рециклирани материјали носеа учениците од основото училиште „Лазо Ангеловски“ во општина Аеродорм, на Еко модната ревија. Ревијата се одржа на 21-ви март на Денот на пролетта и екологијата.
Преку изработените модели и презентации учениците се дел од подигнувањето на еколошката свест и култура, а со тоа придонесуваат за почиста околина и поздрава средина.
„Еко модна ревија претставува славење на детската креативност и фантазија. Нашата цел како организатори и домаќини на овој настан е да им овозможиме на сите ученици од основните училишта на територијата на општина Аеродром да создадат свои уметнички дела преку кои ќе ја истакнат функцијата на реупотребата на рециклирачките материјали“, информираа од училиштето.
Гостинка на модното шоу во училиштето беше македонската модна дизајнерка Ирина Тошева. На ревјата беше претставен и модел кој го работеле ученици од Кочани како дел од проект под менторство на Тошева, изработен од оризов отпад експериментирајќи заедно со куркума и лушпи од бел и црвен кромид и преку техниката „шибори“, како една од најстарите техники за боење од Јапонија.
„Имаше прекрасни, креативни изработки од реупотребени материјали. Го претставивме и нашиот модел од оризови остатоци изработен од учениците од Кочани. Овие иницијативи покрај тоа што ја поттикнуваат креативноста кај децата, ги учат за вредноста на отпадот, грижата кон животната средина и на забавен начин ги едуцираат младите, како би станале совесни граѓани уште од рана возраст. Се надевам ќе ги има што повеќе“, рече Ирина за Репортер.
На настанот учествувале повеќе од 180 ученици од сите основни училишта на територијата на општина Аеродром.
Фото: Фејсбук ООУ „Лазо Ангеловски“