(Галерија) Женствени и гламурозни креации од македонски дизајнери на затворањето на Моден фестивал Скопје

Вториот Моден фестивал Скопје заврши вчеравечер со ревиите на македонските брендови Herline, Стефанија Насеска, La Maison Cece T. и модната куќа Елена Лука.

Третиот ден почна со претставување на колекцијата на Herline, кој и овој пат комбинираше елегантни со спортски парчиња облека за да ја нагласи женственоста. Ревијата почна со настапот на Викторија Лоба, која заедно со моделите прошета по синиот тепих. Освен новата линија на тренерки, колекцијата Revelation откри и нови едноделни костими за капење.

По ова следуваше ревијата на македонска дизајнерка Стефанија Насеска. Во својата колекција Liberty таа претстави футуристички, ексцентрични и авангардни трендови за смелите девојки. Бунтовни креации, како фустан со фантомка во неонско розова боја, што истовремено означуваат борбеност, свест, а и ја обликуваат женската силуета.

„Колекцијата е осврнување кон светлината и комфорот како непрекинат поглед кон убавото. Микс на минатото и сегашноста со поглед кон иднината“, вели Насеска.

La Maison Cece T овој пат се претстави во сосема поинакво светло преку колекцијата Metamorphosis, а во центарот на вниманието беа тоалети и комплети надополнети со крзна и кожени мантили. Вистинскиот гламур го донесоа и црната, розовата и црвената како главни бои на колекцијата.

Гламурот продолжи и со ревијата на модната куќа Елена Лука, која беше инспирирана од божиците и нимфите од грчката и римската митологија. Колекцијата Satin Dream понуди нежни земјени и златни тонови од свила и рачно изработени орнаменти.

Фото: Антонио Станков и Марко Вилиќ

Scroll to Top