Блејк Лајвли и Џастин Балдони ќе глумат во филмот што ќе се снима според најпопуларната книга на „Тик-ток“

Блејк Лајвли и Џастин Балдони ги добија главните улоги во филмот „Ова завршува со нас“, кој ќе се снима според истоимената книга на Колин Хувер. Оваа книга е најпопуларна на „Тик-ток“ во последните неколку месеци, а фановите секојдневно објавуваа видеа во кои коментираа кој треба да ги глуми Лили Блум и Рајл Кинкејд.

Сценариото за филмот ќе го адаптира Кристи Хол, а Џастин, освен што ќе ја има главната машка улога, ќе го режира филмот.

Книгата ја раскажува приказната за Лили, штотуку дипломирана студентка, која се запознава и вљубува во Рајл. Додека расте нивната поврзаност, во животот на Лили се враќа Атлас Кориган, нејзината прва љубов (врска со минатото што го има оставено зад себе). Тој ќе биде закана за сè што Лили има изградено со Рајл.

За сега не се знае кога ќе почне снимањето на филмот бидејќи Блејк е во поодмината бременост и набргу треба да се породи.

Џастин, пак, се прослави со улогата во серијата „Девицата Џејн“ и веќе неколку години е меѓу милениците на тинејџерската публика во САД.

Scroll to Top