Твитер награди е годишен настан кој ќе се одржува шеста година по ред за да им овозможи на корисниците на Твитер, Фејсбук и другите социјални мрежи да гласаат и да ги изберат свои фаворити од изминатата година. Новитет оваа година ќе бидат категориите кои ќе опфаќаат повеќе социјални мрежи, пред сѐ Инстаграм и Фејсбук. Целта на организаторите е ова да прерасне во манифестација која ќе ја мери успешноста на целокупниот интернет простор, вклучувајќи ги веб-сервисите, апликациите, сајтовите и корисниците на социјалните мрежи.
Твитер наградите на својот Фесјбук профил ги најави и познатата твитерџика Ина Многуфина.
„Ги најавувам твитер наградите по шести пат и уште шеесет да правиме. Идејата е да се забавуваме, без разлика кој ќе победи. Воедно, да се дружиме и да се смееме. Јас и оваа година сум спонзор, но никогаш спонзоруша!“, напиша Ина на Фејсбук.
Предлозите за номинации на корисници по категории, твитер корисници, избор за сајт на годината и неколку нови категории, ќе бидат објавени наскоро, а самиот избор ќе се одржи кон крајот на годината.